Измени на Законот за трговските друштва во врска со спојувањето со друштва од ЕУ

p1

Министерството за економија подготвува измени на Законот за трговските друштва. Со Предлог-законот се воведуваат нови одредби кои се однесуваат на прекугранично спојување со друштва од Европската Унија и кои имаат цел доусогласување со европското законодавство во делот кој се однесува на делокругот на примената на овие одредби, начинот на објавување на заедничкиот предлог со условите за прекугранично спојување и учеството на вработените во одлучувањето во друштвото.

Од Министерството образложуваат дека во Националната програма за усогласување со законодавството на ЕУ, која се однесува на правото на трговските друштва, предвидено е доусогласување со директивите за прекугранично спојување на друштвата со ограничена одговорност. Измените, исто така, додаваат од Министерството за економија, се и врз основа на препораката од Извештајот на Европската комисија за прогресот на Република Македонија, од 2018 година.

Што претставува прекуграничното спојување?

Прекугранично спојување е постапка во која:

1) едно или повеќе друштва се присоединуваат (друштво/а што се присоединува/ат) кон друго друштво (друштво што презема) со пренос на целокупниот имот и на обврските на друштвото кое се присоединува, без да се спроведе негова ликвидација во замена за издавање на удели, акции и други хартии од вредност од основната главнина, на друштвото што презема на содружниците на друштвото што се присоединува и ако е можно разлика во пари што не надминува 10% од номиналната вредност, или во недостаток на номинална вредност, 10% од сметководствената вредност на примените удели, акции или други хартии од вредност;

2) две или повеќе друштва се спојуваат без да се спроведе ликвидација, со основање на едно ново друштво – корисник на кое преминува целокупниот имот и обврските на друштвата што се спојуваат, во замена за уделите, акциите, односно други хартии од вредност во основната главнина на новото друштво – корисник и ако е можно разлика во пари којашто не надминува 10% од номиналната вредност, или во недостаток на номинална вредност, 10% од сметководствената вредност на примените удели, акции или други хартии од вредност или

3) се врши универзален пренос на имотот и на обврските на едно друштво без да се спроведе негова ликвидација, на друштво коешто ги има сите или најмалку 90% од сите негови удели, акции, односно хартии од вредност.

Share on facebook
Facebook
Share on google
Google+
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn
Share on pinterest
Pinterest