Влијанието на коронавирусот (COVID-19) врз бизнисот

COVID-NEW-06

Појавата на COVID-19 во Македонија, што резултираше со прогласување на вонредна состојба од страна на Владата, има силно влијание врз сите компании и индустрии, создавајќи голем број на предизвици кои треба да се решат од страна на работодавачите. Подолу се наведени предлозите и усвоените мерки од страна на Владата на Р. Македонија и разјаснување на клучните проблеми и последици врз бизнисот од коронавирусот.

Обврски за работодавачите во однос на прогласената вонредна состојба поради COVID-19
Се препорачува работодавачите да ја организираат работата и начинот на работа на сите вработени преку работа од дома, во зависност од типот на работата и можноста да се врши на таков начин. Ако Договорот за вработување или Уредбата за спроведување на постапката за вработување не предвидуваат работа која работникот ја врши во својот дом или во простории по свој избор што се надвор од деловните простории на работодавачот, како начин на вршење на работните активности, работодавачот треба да донесе одлука за организирање на работа од дома. Доколку работодавачите не можат да организираат работа од дома поради природата на работните задачи кои ги вршат вработените, тие треба:
– ако е можно, да ја реорганизираат работата во смени, така што нема застој во работењето;
– да овозможат да се одржуваат деловни средби по електронски пат (видео линк, видео повик, итн);
– да ги одложат службените патувања во земјата и во странство;
– да спроведат зајакнато континуирано чистење на објекттите;
– да обезбедат заштитна опрема од коронавирусот на вработените;
Во однос на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Р. Македонија со која се забранува движење на населението во временски период од 21:00 – 05:00 часот со цел спречување на ширење на COVID-19, работодавачите кои ја организирале работата во рамките на горенаведениот период, мора да добијат Дозвола за движење на вработен поради вршење на сменска и ноќна работа. Дозволите за движење се издаваат врз основа на пополнет образец (превземи тука), со потпис и печат од одговорното лице во правното лице и со нивен меморандум. Дозволата важи исклучиво за лицето на кое што е издадена и треба да се приложи на увид до органите на државата.

Ограничувања за транспорт на стока
Транспортот на стока ќе се одвива непречено и под посебни безбедносни протоколи, освен за забрана за:
– извоз на брашно и пченица;
– извоз на медицинска опрема и медицински средства и материјали;

Ограничувања во врска со движењето на луѓето
Апсолутна забрана за движење на населението во Република Македонија во временски период од 21:00 – 05:00 часот. Дополнително Владата донесе одлука да се забрани движењето на граѓаните над 67 години од 11:00 – 05:00 часот, а за младите до 18 години, забраната за движење ќе започнува во 21:00 часот, па се до 12:00 часот наредниот ден.

Од оваа забрана се исклучуваат:
– Лица кои имаат потреба од итна медицинска помош / животно загрозувачка состојба /лица на дијализа, исклучиво во придружба на најмногу две лица (доколку возилото биде запрено од полициска контрола, дополнително ќе се евидентира и ќе се провери оправданоста на излегувањето и превозот до здравствената институција, преку приложување на медицинската документација по завршување на медицинскиот преглед);
– Припадниците на Министерство за внатрешни работи, Армија на Република Македонија, противпожарните екипи, лицата вработени во комунална хигиена, кои се во моментот на работа во смена;
– Дежурни екипи на ЕВН, Водовод и канализација, Телекомуникации служби, топлификација, само по претходна најава на 192 (МВР);
– Вработени лица кои се наоѓаат на списокот изготвен од Директорите на јавно здравствените установи, за кои се предвидува дека ќе имаат неопходна потреба за движење вон лимитираното време и ќе го дистрибуираат до Министерство за внатрешни работи или друго Министерство / Установа, со цел изготвување на специјални пропусници / легитимации;
– Такси компаниите кои ќе воведат дежурства со ограничен број на возила и истите ќе бидат искористени исклучиво за превоз кон / од болничка установа или аптека (таксистите задолжително треба да користат лична заштитна опрема во возилото – заштитна маска и ракавици);
Почнувајќи од 18 март 2020 година, затворени се сите гранични премини во Македонија, освен за дипломатските претставници, лекарите, влез и транзит на товарни возила (според посебни услови) и други лица за кои МВР ќе даде мислење.

Се затвори и меѓународниот аеродром во Скопје, освен за:
– државни летови
– воено карго
– медицински летови
– хуманитарни летови
– празни летови

Меѓуградскиот и јавниот превоз треба да се организира со ограничување на капацитетот за превоз на патници за 50% во возилото или со задолжително одржување на растојание од најмалку два метри меѓу патниците.

Се забранува јавен превоз од 21:00 до 05:00 часот.

Се забранува собирање на населението во групи поголеми од 5 (пет) лица во период од 05:00 – 21:00 на јавни места и површини.

Секаков вид на собири и настани, без оглед на обемот и бројот на учесници за време на овој период (кината, театрите, игротеки и музеи и сите други институции каде што може да се одржуваат масовни собири, настани или концерти и други културно – информативни настани, сите спортски објекти или вежбални, угостителските објекти, кафетерии, барови, ресторани, клубови, казина и спортските обложувалници) е забрането.

Финансиска помош, субвенции или државна помош за бизнис кој е значително погоден од COVID-19

Првиот сет економски мерки наскоро ќе биде на располагање и тоа:

– Директна финансиска поддршка од 5,7 милиони преку Развојната банка на Република Македонија (кредити со каматна стапка од 0 проценти, грејс период 6 месеци, рок на отплата 2 години);
– Микро компаниите, до 10 вработени, ќе може да подигнат кредит од 3 до 5 илјади евра, малите компании со 10 до 50 вработени, ќе може да подигнат кредит од 10 до 15 илјади евра и средните компании со 50 до 250 вработени, ќе може да подигнат кредит од 15 до 30 илјади евра;
– Субвенционирање на придонеси за вработените во компании од секторите туризам, транспорт, угостителство и други погодени компании, за месеците април, мај и јуни од 2020 година, со субвенција на придонеди по вработен во висина до 50% од просечна плата исплатена во 2019 година. Субвенцијата ќе може да се искористи под услов компанијата да не го намали бројот на вработените под бројот на вработени во месец февруари од 2020-та година и ова да важи од денот на користење на мерката. Исто така, услов е компанијата да не исплати дивиденда во текот на 2020 година, до денот на поднесувањето на годишна сметка, односно финансиски извештаи за 2020 година и компанијата да нема исплатено награда-бонус по влегување во сила на мерката. Само компаниите што имаат остварено добивка како финансиски резултат од работењето во 2020 година ќе вратат субвенции за придонес во износ од 50% од добивката пред оданочување што значи дека мерката директно е насочена да им помогне на компаниите што оствариле послаби финансиски резултати во 2020 година поради корона вирусот;
– Намалување на основната каматна стапка на Народната банка на ниво од 1,75%, за натамошно намалување на цената на финансирање на претпријатијата и населението;
– Одлука за управување со кредитниот ризик чија цел е олеснување на условите за реструктурирање на кредитите на најпогодените сектори. Ослободување од аконтациите од данок на добивка за фирмите од индустриите погодени од корона кризата за април, мај и јуни. Тука најпрво спаѓаат транспортот, туризмот, угостителството, а потоа и другите погодени компании од различни дејности погодени од коронавирусот;
– Законски затезната камата ќе биде намалена за 50% во соработка со Министерството за правда, а се намалува и казнената камата за јавни давачки од 0,03 % на 0,015% односно за 50%. На провајдерите за одржување на фискалните каси им се препорачува намалување на цените заодржување за 50%;
– Поместување на плаќањето на кредитите за фирмите и граѓаните погодени од кризата, со тоа што априлската рата ќе можат да ја платат во јули месец, што значи дека ќе има поместување на плаќањата за три месеци;

Дали COVID-19 е случај на Виша сила и како тоа влијае на обврските што ги вршат договорните страни според договорите

Под Виша сила се подразбира се она што е регулирано со Законот за облигациони односи. Непредвидливи природни настани, како и други настани до кои не е дојдено по вина и се надвор од контрола на договорните страни, доколку го спречуваат во значителна мерка или го оневозможуваат работењето на договорените страни, се случај на Виша сила. Тука спаѓа и пандемијата, како што е оваа предизвикана од COVID-19, која може да доведе до неможност да се вршат обврските според договорите.

Во овој случај не може да се даде генерален совет, поради тоа што во секој договор се предвидени различни услови.

Моменталната состојба на судовите и други органи

Предложени се мерки, кои треба да бидат усвоени од Владата:
– Судскиот совет и Врховниот суд на Република Македонија да ја разгледаат можноста и да препорачаат на претседателите на судовите да направат план за одложување на судењата, со исклучок на оние судски предмети кај кои постои потреба од итност на постапување, како што се предмети кои се пред застарување, предмети во кои се изречени мерки притвор или други мерки за обезбедување на присуство, како и предмети кај кои сериозно би било нарушено правото на судење во разумен рок, предмети кои се стасани до изрекување пресуди, предмети за кои се одлучува без јавна расправа и слично;
– Нотарската комора на Република Македонија, Адвокатската комора во Република Македонија и Комората на извршители на Република Македонија да ги спроведуваат сите мерки, заклучоци и препораки донесени од страна на Владата на Република Македонија.
– Суспендирање односно запирање на законот за извршување до крајот на јуни. Извршителите ќе бидат должни да запрат со преземање на било какви извршни дејствија. Работодавците на должниците и носителите на платен промет се должни да запрат со постапување по издадени налози од страна на извршителите до крајот на јуни. Ова нема да важи само во случаи кога веќе парите се легнати на сметка на извршителите и тие ќе можат да ги префрлат парите на доверителите и во случаеви кога се работи за алиментација за дете кон самохрани родители.

Ограничувања на пазарот од страна на Владата како резултат на вонредната состојба
Се замрзнуваат цените на основните прехранбени производи и тоа на леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезифекциони средства, освен оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.
Исто така, Владата донесе одлука за 100-процентно ослободување од царинските давачки за производите од брашно и пченица, масло сончогледово, бел шеќер, сапуни, детергенти, облека и прибор за облека, пелени за деца и возрасни и марамчиња, рачни капи во ролни, пластични маски со текстилен филтер, текстилни прекривки за хируршка употреба, хируршко одело од хартија, хартиени маски, заштитно гумено одело, гумени, хируршки и останати ракавици, средства за дезинфекција, медицински алкохол и заштитни наочари.

Препорачуваме да се следат и почитуваат владините мерки заради заштита на сите граѓани и општо добро. Доколку имате потреба од правна помош во врска со COVID-19, слободно контактирајте не.

Share on facebook
Facebook
Share on google
Google+
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn
Share on pinterest
Pinterest