Во кои случаи може да се обработува вашиот ЕМБГ?

АДКМ

Единствениот матичен број на граѓанинот или во светот попознат како национален идентификациски број, национален број за идентитет или национален број за осигурување, се користи од страна на владите на многу земји како средство за следење на граѓаните, жители со постојан престој и жителите со привремен престој, бројот се појавува на лични документи издадени од државата.

Начините на кој се издава ЕМБГ, односно националниот број за идентитет се разликуваат меѓу државите, но во повеќето случаи на граѓаните им се издава матичен број по навршување на 18 години или со самото раѓање. На лицата кои не се државјани може да им се издаде ваков број кога ќе влезат во земјата или кога ќе добијат дозвола за привремен или постојан престој.

Македонија користи код за идентификација со 13 броеви – единствен матичен број на граѓанинот (ЕМБГ).

Согласно Законот за матичен број („Службен весник на Република Македонија“ бр. 137/13 и 22/16), единствениот матичен број на граѓанинот е составен од 13 цифри (DDMMYYYRRSSSC) поделени во шест групи:

  • I група: Две цифри (DD) за денот на раѓање на граѓанинот;
  • II група: Две цифри (ММ) за месецот на раѓање;
  • III група: Последните три цифри (YYY) од годината од раѓање;
  • IV група: Две цифри (RR) како регистарски број;
  • V група: Три цифри (SSS) како комбинација на полот на граѓанинот и реден број за лица родени на ист датум;
  • VI група: Една цифра (C) како контролен број;

Двоцифрениот број на регистар зависи од местото на раѓање на граѓаните. Постојат девет регистарски шифри кои го дефинираат местото на раѓање:

  • 41 за општините Битола, Демир Хисар и Ресен;
  • 42 за општините Куманово, Кратово и Крива Паланка;
  • 43 за општините Охрид, Струга, Дебар и Кичево;
  • 44 за општините Прилеп, Крушево и Македонски Брод;
  • 45 за градот Скопје;
  • 46 за општините Струмица, Валандово и Радовиш;
  • 47 за општините Тетово и Гостивар;
  • 48 за општините Велес, Гевегелија, Кавадарци и Неготино;
  • 49 за општините Штип, Берово, Виница, Делчево, Кочани, Пробиштип и Свети Николе;

Комбинацијата на полот на граѓанинот и редовниот број на раѓања е претставена како 3-цифрен број – од 000 до 499 за мажи, а од 500 до 999 за жени.

Последната цифра е контролна цифра генерирана од компјутер.

Како основна идентификација на граѓаните, покрај личното име се користи и матичниот број на граѓаните.

Матичниот број на граѓанинот, може да се обработува при вршење на работи кои се однесуваат на здравствена и социјална заштита, осигурување, вработување, добивање кредит и други кредитни работи, за основање трговско друштво, и други услуги во корист на субјектот на личните податоци. Матичниот број на граѓанинот може да се обработува и за историски и научни истражувања или статистички цели.

Обработувањето на матичниот број на граѓанинот се врши само врз основа на претходна согласност на граѓанинот или под услови утврдени со закон, бидејќи тој е индивидуална неповторлива ознака на идентификационите податоци на граѓанинот.

Обработката на матичен број на граѓанинот е регулирана во Законот за заштита на личните податоци, поточно во член 83 во кој е предвидено дека матичниот број на граѓанинот може да се обработува само по претходна изречна согласност на субјектот на лични податоци, за остварување на со закон утврдени права или обврски на субјектот на лични податоци или контролорот и во други случаи утврдени со закон.

Контролорот или обработувачот е должен да води сметка матичниот број на граѓанинот да не биде непотребно видлив, печатен или преземен од збирка на лични податоци.

Само по претходно добиено одобрение од страна на Агенцијата за заштита на лични податоци може да се врши системска и обемна обработка на матичниот број на граѓанинот и тоа на следниве лични податоци:

  • податоци што се однесуваат на здравјето на луѓето;
  • генетски податоци, освен ако обработката на податоците не се врши од страна на стручни лица за потребите на превентивна медицина, медицинска дијагноза или нега и терапија на субјектот на лични податоци;
  • биометриски податоци;

Според Агенцијата за заштита на лични податоци, најчестите пријави кога станува збор за злоупотреба на личните податоци се во насока на објава на матичниот број. Поради тоа особено треба да се внимава за која цел и кога се дава матичниот број, бидејќи преку него најлесно може да биде повредена приватноста на секој граѓанин и лесно може да се злоупотреби.

Share on facebook
Facebook
Share on google
Google+
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn
Share on pinterest
Pinterest