Предлог Закон за данок на добивка за поддршка на обврзниците во справувањето со COVID-19

Владата го утврди Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка, кој има за цел да ги уреди законските решенија во функција на поддршка на обврзниците во справувањето со последиците од коронавирусот COVID-19 и зголемување на нивната ликвидност.

Предлог-законот ги содржи следниве решенија:

  • Ослободување од плаќање на месечни аконтации од данокот на добивка за правни лица со пад на приходи од најмалку 30% како последица од корона кризата за месеците ноември и декември 2020 година како и јануари и февруари 2021 година. При тоа даночните обврзници треба да ги исполнуваат следните услови:

– даночниот обврзник-работодавач да не го намали бројот на вработени за времетраење на користењето на ослободувањето во однос на бројот на вработени заклучно со 30 ноември 2020 година, освен во случаите на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените;

– вкупните приходи од редовното работење на даночниот обврзник да се намалени за најмалку 30% во периодот април – септември 2020 година во однос на приходите од редовно работење во периодот април – септември 2019 година, или

– даночниот обврзник да затворил најмалку 50% од продажните места преку кои го остварува прометот (подружници, продажни објекти).

  • Зголемување на периодот за покривање на загуби на товар на идни добивки од 3 на 5 години за загубите настанати во 2020 и 2021 година.
  • Правните лица кои во 2020 година нема да остварат вкупен приход поголем од 5 милиони денари да бидат ослободени од плаќање данокот на вкупен приход.
  • Правните лица – обврзници за данокот на вкупен приход да се определат да пресметуваат и плаќаат годишен данок на вкупен приход наместо данок на добивка за 2020 година, под услов да извршуваат стопанска дејност, освен банкарска, финансиска, осигурителна и дејност од  областа на игрите на среќа и забавните игри и вкупниот приход остварен во годината за која се утврдува данокот од кој било извор да изнесува од 5.000.001 до 10.000.000 денари на годишно ниво.
  • Трошоците за премии за дополнително здравствено осигурување над износот од една просечна месечна бруто плата по вработен претставуваат непризнат расход за целите на данокот на добивка. Дополнително, трошоците за лабораториски тестови за COVID-19 за вработени лица претставуваат признат трошок за даночни цели во износ не поголем од 9.000 денари на годишно ниво по вработен.
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google+
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn
Share on pinterest
Pinterest