Спречување перење пари и финансирање на тероризам во Rепублика Mакедонија

adkm 3

Во борбата против перење пари Република Македонија се вклучува во октомври, 1993 година, со ратификувањето на  Виенската конвенција – Конвенцијата на ООН против незаконит промет со наркотични дроги и психотропни супстанции. Дополнително, правна основа за регулирање на перењето пари претставуваат и многубројните меѓународни конвенции, директиви на Европската унија како што се: Конвенцијата на Обединетите нации против транснационалниот организиран криминал – Конвенцијата од Палермо – усвоена во 2000 година, Стразбуршка конвенција – усвоена во 1990 година, Конвенцијата за перење пари, откривање, заплена и конфискација на приноси од казниво дело и финансирање тероризам од 2005 година, со која се изменува и се дополнува Стразбуршката конвенција од 1990 година, Директивата на Европската заедница од 1991 година за спречување на употребата на финансискиот систем за целите на перењето пари како и 40-те Препораки на ФАТФ (Оперативна група за финансиски акции), за борба против перењето пари.

Во Република Македонија делото “Перење пари и други приноси од казниво дело“ претставува кривично дело регулирано со член 273 од Кривичниот законик. Законската рамка во врска со перење пари и финансирање на тероризам за прв пат е направена во 2001 година со Законот за спречување на перењето пари, а целосно уредена во 2008 година со донесување на Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело и финансирање тероризам.

Најважната улога во процесот на спречување на перење пари и финансирање тероризам ја имаат субјектите – правни и физички лица кои имаат обврска да ги применуваат превентивните мерки за детекција и спречување на перење пари и финансирање тероризам, како и Управата за финансиско разузнавање која има за цел да го заштити финансискиот систем на Република Македонија.

На 28.12.2020 година, од страна на претседателот на Република Македонија и претседателот на Собранието на Република Македонија со указ беше прогласен Законот за изменување и дополнување на законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, со кој се менува и дополнува Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам („Службен весник на Република Македонија“ број 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 275/19). Измената е направена со цел усогласување на одредбите од Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам со одредбите од Законот за прекршоци, Законот за централен регистар на население, Законот за електронско управување и електронски услуги и со Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, а во согласност со меѓународните стандарди во кои се предвидени мерки за откривање и спречување перење пари и финансирање на тероризам – ФАТФ препораките и ЕУ Директивите.

Исто така, во ноември 2020 година беше најавена подготовка на нов предлог закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам. Целта на предлог законот е усогласување со дополнетите меѓународни стандарди, односно со препораките на ФАТФ и усогласување со 5-та Директива на ЕУ за спречување на употребата на финансискиот систем за целите на перење пари и финансирање на тероризам од 2018 година (2018/843 ЕЦ). Воедно, во овој закон предвидено е да се имплемeнтираат и резултатите од Националната проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам спроведена заради идентификување, проценување, разбирање и намалување на ризикот поврзан со перење пари и финансирање на тероризам, која се ажурира најмалку на секои четири години.

Share on facebook
Facebook
Share on google
Google+
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn
Share on pinterest
Pinterest