Глоба за правните субјекти доколку не ја исполнат обврската за упис во Регистарот на вистински сопственици!

Согласно Законот за спречување на перење пари и финансирање тероризам, Централниот регистар на Република Македонија од 27.01.2021 година во употреба го пушти Регистарот на вистински сопственици како информациски систем кој овозможува прием, евидентирање, обработка, чување и размена на податоци и/или документи за вистински сопственици во електронска форма при Централниот регистар на Република Македонија.

Предмет на упис во регистарот се вистинските (крајните сопственици) на субјектите на упис. „Вистински сопственик” е секое физичко лице (лица) кое е краен сопственик на субјектот или го контролира субјектот и/или физичко лице (лица) во чие име и за чија сметка се извршува трансакција. Поимот вклучува и физичко лице (лица) кое врши крајна и ефективна контрола над правно лице или странски правен аранжман.

Членот 25 од Законот за спречување на перење на пари и финансирање тероризам предвидува обврска на субјектите на упис во регистрите кои се водат при Централниот регистар на Република Македонија (правни субјекти), за поседување и чување на податоци и документи за вистинскиот сопственик. Такви субјекти се:

– трговски друштва, трговец поединец, самостојни вршители на дејност, подружници и филијали на странски трговски друштва и странски трговец поединец;

– здруженија, сојузи, фондации, комори, синдикати, политички партии, задруги, верски заедници или други организации и

– нотари, адвокати и други лица кои вршат јавни овластувања.

Во Регистарот се внесуваат податоци за сите постоечки субјекти иницијално, како и за сите настанати промени во сопственичката структура на субјектите. Законските рокови се 8 дена од денот на основањето на субјектот и 8 дена од денот на промената на вистинскиот сопственик, а за сите постоечки субјекти во рок од три месеци од 27.01.2021 година.

За упис во регистарот потребен е документ за лична идентификација на вистинскиот сопственик од кој со сигурност ќе можат да се утврдат:

– лично име,

– единствен матичен број или друг идентификациски број,

– адреса на живеалиште и привремен престој,

– датум на раѓање,

– државјанство.

За точноста, адекватноста и ажурноста на податоците внесени во Регистарот се одговорни овластените лица на правните субјекти, а уписот се спроведува единствено електронски, преку интернет, при што подносителите се идентификуваат и пријавите се потпишуваат со електронски потпис.

Доколку правниот субјект не поседува и чува адекватни, точни и ажурни податоци за вистинскиот сопственик согласно со членот 25 став 2 од Законот за спречување перење на пари и финансирање тероризам и не ги внесе податоците за вистински сопственик/ци, како и податоците за промените на вистински сопственик/ци во регистарот согласно со членот 26 став 3 и членот 27 од истиот закон, ќе му се изрече глоба во износ од 10.000 евра во денарска противвредност, а глоба во износ од 30% од одмерената глоба на правниот субјект ќе му се изрече за прекршок и на одговорното лице во правниот субјект.

Целта на воведувањето на регистарот е зголемување на транспарентноста во сопственичката структура на правните лица во земјата и исполнување на меѓународните и ЕУ стандарди во насока за создавање на ефикасен систем на превентивни мерки за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.

Share on facebook
Facebook
Share on google
Google+
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn
Share on pinterest
Pinterest