Дигитален идентитет -далечна иднина или блиска реалност!

           Вовед

Електронска идентификација е процес на користење на податоци за идентификација на лица во електронска форма кои на уникатен начин го претставуваат физичкото или правно лице или овластено лице на правно лице. Ова е законската дефиниција на процесот на електронска идентификација согласно Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги. Со влегување во сила на истиот во 2020 година е направено ажурирање на македонското ,,дигитално“ законодавство во насока на европската регулатива, односно Регулатива (ЕУ) бр. 910/2014 на Европскиот парламент.

 

           Република Македонија

Овој закон дава огромна можност за упростување на секојдневното функционирање на секое лице во нашата држава и тоа како во односите со јавните органи така и во приватно-правните односи. Во оваа насока државата има склучено меморандум со МастерКард со кој оваа платежна компанија се обврзува да изврши дигитализација и воспостави дигитална инфраструктура која ќе и биде од корист на македонското население.

Во пракса, ова значи дека преку вашиот мобилен уред со отворање на апликација, најпрво го скенирате вашиот личен документ, лична карта или пасош. На тој начин, податоците се проверуваат и камерата на мобилниот уред се вклучува и врши проверка дека станува збор за физичко лице. По овој чекор се врши проверка со сликата во личниот документ и уредот ве идентификува. Ова значи дека повеќе нема потреба да користите усб, токен, документи во хартија, физичко присуство за институцијата да ве идентификува – рече тогашниот министер за информатичко општество и администрација.

            На пример им овозможува на своите граѓани да гласаат, да купуваат билети за јавен превоз, да шифрираат е-пошта, да го обноват пасошот, да пристапуваат до нивните медицински досиеја, да потпишат документи и да изведуваат скоро било кој вид административно управување преку Интернет, каде било и во секое време, и дозволувајќи им на корисниците да поседуваат свои податоци – рече тогашниот министер за економија.

            Дополнително, од правен аспект, не гледаме причини зошто дигиталниот потпис да не овозможи и потпишување на договори пред нотар без лично присуство кои ќе имаат сила на нотарски акт[1], дигитално поднесување и примање на имотни листови со матични броеви од страна на носителот на правото на сопственост, дигитално потпишување на договори за банкарски кредити без присуство во филијали, или, пак, дигитално гласање на избори.

 

            Компаративна анализа

Сите горенаведени примери се веќе имплементирани во Република Естонија. На почетокот треба да се нагласи дека во Република Естонија само што беа спроведени избори во кои постоеше можност за дигитално гласање, без лично присуство.[2]

            Меѓу другите, следните системи базирани на дигиталниот идентитет, се активни во Република Естонија:

            Е-управување

            Се смета дека 99% од јавните услуги се достапни на Интернет.

            Е-данок

            Околу 98% од сите даночни декларации во Естонија се поднесуваат електронски годишно. Со ова се создава огромна ефикасност на даночниот систем.

            Е-гласање

            Кратко за гласање на Интернет, i-Voting е систем што им овозможува на гласачите да гласаат едноставно преку кој било компјутер поврзан со Интернет во светот. i-Гласање е дозволено за време на периодот пред гласањето, кога гласачите влегуваат во систем користејќи лична карта или мобилен и го даваат својот глас.

            Е-здравствено досие

            Електронскиот здравствен запис е национален систем кој интегрира различни даватели на здравствени услуги за да создаде заеднички запис до кој секој пациент може да пристапи преку Интернет. Ова е моќна алатка што им овозможува на давателите на здравствени услуги лесен пристап до евиденцијата на пациентот, бидејќи може да спаси животи ако времето е ограничено.

            Е-престој

            Примарната цел на е-престојот е да им се овозможи на е-жителите да водат бизнис независно од локацијата во ЕУ преку Интернет и да ги има сите потребни алатки за водење бизнис на глобално ниво.

 

Добри и лоши страни

Ваквиот начин на функционирање има огромни бенефити затоа што:

а) ги скратува драстично временското траење сите постапки (временски)

б) драстично ја намалува бирократијата (финансиски)

в) ја елиминира можноста за злоупотреби на системот од страна на службени лица[3] (сигурносни)

г) покажува дека земјата созрева и почнува да се фокусира на битни и елементарни проекти (маркетиншки)

Од друга страна мора да се спомне еден системски ризик кој постои при имплементирање на овој систем, а тоа е ризикот од хакерски напади. Имено, токму Естонија во минатото беше мета на вакви напади. Поучени од ваквите незгоди, целата дигитална дата база на таа држава сега има ,,cloud back up“ во Луксембург, кој е осигурен со најновата блокчејн технологија, со што овој проблем е делумно решен. Меѓутоа, овој ризик не може никогаш да биде целосно елиминиран. Со што, уште повеќе се акцентира потребата од квалитетен информатички кадар кој ќе ја штити, дополнува и ажурира оваа инфраструктура. 

Исто така, од правна и општествена гледна точка, многу е битен начинот на кој ќе се располага со сите лични податоци кои се дел од тој дигитален ,,грид“(мрежа) и начинот на кој истите се заштитени. Меѓутоа, и ова прашање е веќе уредено земајќи го предвид фактот дека во сите развиени земји веќе постои Закон за лични податоци.[4]

 

Моментална фактичка состојба во Република Македонија

            Во моментот, дигиталниот идентитет уште го нема во Република Македонија. Го чекаме. Временскиот рок, во кој истиот треба да биде имплементиран од страна на МастерКард, е непознат. Се надеваме дека наместо македонскиот заборав ќе превладее западна ефикасност на МастерКард и проектот ќе биде целосно имплементиран. Во меѓувреме, единствено останува да ја поздравиме и поддржиме иницијативата, бидејќи истата ќе има големи примарни, секундарни и терцијарни ефекти.

 

 

 

[1]      Ова не е имплементирано ниту во една друга држава, меѓутоа ќе биде реалност во блиска иднина ако се земе предвид развојот на дигиталната технологија во светот на сметка на формалните и процесните каратеристики на правните инструменти

[2]      За разлика од некои други држави каде што пописот е тема на секојдневни непродуктивни политички препукувања

[3]      При имплементиран систем на дигитален идентитет не постои можност да биде издаден извод од матична книга на умрени или имотен лист без притоа да не се знае кој е барател

[4]       Вклучувајќи ја и Република Македонија

Share on facebook
Facebook
Share on google
Google+
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn
Share on pinterest
Pinterest