Поголема заштита на физичките лица во врска со обработката на личните податоци преку транспонирање на ЕУ Директивата 2016/680 (Полициска директива) во националното законодавство!

Целта на заштитата на личните податоци не е да се заштитат само податоците на физичките лица, туку да се заштитат и основните слободи и права на лицата на кои припаѓаат тие податоци. Личните податоци треба да бидат заштитени со различни безбедносни мерки од ризици како што се губење, неовластен пристап, уништување, употреба, модификација или откривање. Пристапот до лични информации треба да биде ограничен, освен за контролорите кои можат да обработуваат лични податоци без согласност на граѓаните согласно закон. Таков исклучок се прави и во случај на превенција, откривање и гонење на сторители на кривични дела, при што обработка на лични податоци што се однесува на кривични дела, изречени казни и мерки на безбедност за извршени кривични дела може да врши само надлежниот државен орган во согласност со закон.

Во насока на поголема заштита на физичките лица при обработката на нивните лични податоци заради спречување на криминалот и откривање и гонење на сторителите, Министерството за правда на РМ подготвува Предлог Закон за заштита на физичките лица во врска со обработката на личните податоци заради цели на спречување, истрага, откривање или гонење на кривични дела или за извршување на кривични санкции.

Целта на предлог законот е усогласување на законодавството на РМ со законодавството на ЕУ, што во случајов се врши преку транспонирање на ЕУ Директива 2016/680 (Полициска директива) во националното законодавство.

Директивата (ЕУ) 2016/680 е законодавен акт на ЕУ со кој се утврдуваат правилата за заштита на лицата во врска со обработката на лични податоци од страна на надлежните органи, заради спречување, истрага, откривање или гонење на кривично дело или извршување на кривични санкции и за слободно движење на такви податоци.

Министерството за правда смета дека хармонизација на националното законодавство со одредбите на  Директивата (ЕУ) 2016/680  е потребна со цел да се обезбедат европски стандарди при заштита на правата и слободите на физичките лица во врска со заштитата при обработката на личните податоци како фундаментално право, како и да се постави законска рамка при размена на на личните податоци помеѓу надлежните органи.

Со овој предлог закон се уредуваат прашањата коишто се однесуваат исклучиво на заштита на лични податоци за цели на спречување, истрага, откривање или гонење на кривични дела или за извршување на кривични санкции.

Share on facebook
Facebook
Share on google
Google+
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn
Share on pinterest
Pinterest