Анализа: Криптовалута (дигитална валута)

Појавата на криптовалута предизвика формирање на фундаментално нов систем на економски односи, каде шторазмената на средства се одвива без вклучување на финансиските институции (особено банките) или други посредници, а безбедноста и сигурноста на трансакциите се обезбедуваат преку база на податоци за запишување на трансакции, односно мрежа што вклучува собирање на информации во последователен синџир на блокови со заштита користејќи криптографски шифри (блокчејн).

Криптовалутата се изучува од различни аспекти (економски, финансиски и правни) кои ги истражуваат предностите и недостатоците на криптовалутата, предизвиците и бариерите при нејзината употреба, безбедноста на трансакциите во криптовалута итн. Во однос на правниот аспект, постојат малку студии насочени кон утврдување на правната природа на криптовалутата, без кои нема смисла да се зборува за нејзино законско регулирање. Само со дефинирање на криптовалутата како правна категорија, истата би можела да биде предмет на регулирање.   Определувањето на правниот поим на криптовалутата е приоритетно пред да се превземат какви било мерки за легализирање и оданочување на криптовалутите.

Со оглед на тоа дека во последните неколку години има изразен влез на криптовалутите на македонскиот пазар и истите се повеќе се тргуваат на светските берзи од страна на македонските граѓани, Народната банка на Република Македонија полека, но сигурно, воспоставува одредена правна рамка која во иднина ќе биде преточена во законска регулатива.

Народната банка на Република Македонија при обработката на тематиката на криптовалутите воочи дека потребата за регулирање на криптовалутите станува сѐ поочигледна, иако во глобални рамки речиси и да не постои регулатива којашто го регулира издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средства.

“Република Македонија нема општоприфатена дефиниција за крипто-средствата. Дотолку, нашата законска регулатива не познава термин „криптовалута“. Во основа, криптовалутите се сметаат за специфичен вид нематеријално средство, засновано на одредени технологии, коешто не е издадено, ниту, пак, неговата вредност е гарантирана од централна банка, не претставуваат пари и понудата на овие средства не зависи од потребите на економијата или монетарниот систем.

Тие немаат конкретна појава во каков било физички облик, вклучително и како книжни или ковани пари. Тие се во дигитален формат и во моментот кога ќе се стекнете со крипто-средства, тие се сместени во т.н. дигитален паричник на вашиот компјутер, лаптоп, надворешен мемориски уред и/или паметен телефон и лесно се пренесуваат преку интернет.

Суверените валути се издаваат од страна на централните банки коишто всушност, имаат монопол врз процесот на нивното создавање и се грижат за одржување на нивната вредност. Суверените валути имаат три клучни карактеристики поради коишто можат да се сметаат за „пари“: 1) претставуваат медиум за размена (т.е. се средство за плаќање) најмалку во земјата каде што се издадени, 2) претставуваат единица за пресметка (т.е. мерка за изразување на вредноста) во земјата каде што се издадени и 3) служат како чувар на вредноста на економските агенти (т.е. можат да се чуваат заради штедење).

За разлика од суверените валути, крипто-средствата не се пари бидејќи не ги поседуваат трите клучни карактеристики на парите. Само во некои земји може да се користат како средство за плаќање, односно да поседуваат функција на медиум за размена, но во ограничен обем.    Крипто-средствата не ги задоволуваат и останатите две карактеристики што ги имаат суверените валути, т.е. не се единица за пресметка (на пример, не постојат економски агенти коишто ги користат крипто-средствата како пресметковна единица при составувањето на своите финансиски извештаи) и не се чувар на вредност (т.е. пазарната цена на крипто-средствата изразена во некоја суверена валута зависи од понудата и побарувачката на платформите за размена и покажува висока нестабилност во краток временски период).

Традиционално, суверените валути коишто ги издаваат централните банки можат да бидат издадени како книжни пари – банкноти, ковани пари ‒ монети, жирални пари, електронски пари. Но, со општиот развој на технологијата и примената на т.н. технологија на дистрибуирани записи во централнобанкарското работење, некои централни банки веќе имаат активни проекти за утврдување на потребата за издавање суверени валути во дигитален облик, коишто се познати под називот дигитални валути на централните банки (англ. central bank digital currency – CBDC). На пример, Европската централна банка тековно спроведува анкета и анализа за утврдување на потенцијалните предности, но и ризици од издавањето дигитално евро, врз основа на кои ќе донесе и одлука за негово (не)издавање.

Тековно, Народната банка нема надлежност да го регулира создавањето, поседувањето или тргувањето со крипто-средствата од страна на домашните економски агенти. Таа нема никаква надзорна улога во врска со крипто-средствата, независно дали станува збор за нивно стекнување преку процес на т.н. „рударење“ (англ. mining) или за вложување во нив.

Воедно, Народната банка тековно нема активности за издавањето сопствена дигитална валута (дигитален денар). Народната банка го издава денарот како суверена валута во Република Македонија и преку постојано исполнување на својата основна цел – одржување на ценовната стабилност, непосредно овозможува македонскиот денар да ги поседува трите карактеристики на суверена валута – медиум за размена, единица за пресметка и чувар на вредноста.

Крипто-средствата не претставуваат законско средство за плаќање во нашата држава, односно не е дозволено да се плаќа со крипто-средства. Согласно со постојната регулатива, плаќањата можат да се вршат во домашната валута ‒ денарот. Безготовинските плаќања во земјава се вршат во денари преку трансакциска сметка на учесниците во платниот промет во земјата.

Крипто-средствата од аспект на формалните квалификации главно се делат во две категории:

  • крипто-средства коишто се наменети за плаќање (англ. payment type), коишто имаат карактеристики на биткоин (англ. Bitcoin-like crypto-assets – BLCA) и се класифицираат како нефинансиски средства, а вложувањата во такви крипто-средства имаат третман на вложувања во нефинансиски, нематеријални средства, заради што овие трансакции се тековни, а не финансиски.
  • крипто-средства коишто имаат карактеристики на финансиски инструменти (англ. stablecoins, asset-referenced token) и се класифицираат како финансиски средства/вложувања.

Во Република Македонија, како и во други земји, прашањето на издавање, вложување и тргување со крипто-средствата не е регулирано, вклучително ниту во Законот за девизно работење (и неговите подзаконски акти) којшто го регулира и работењето со странство. Сепак, ова не значи дека работењето со крипто-средствата е недозволено, туку во моментов тоа е нерегулирано.

Поради комплексноста и анонимноста, трансакциите со крипто-средства имаат повисоко ниво на ризик од перење пари и финансирање тероризам. Оттука, банките се должни да ги почитуваат покрај соодветните барања поврзани со девизниот режим, така и прописите поврзани со спречувањето перење пари и финансирање тероризам.

Крипто-средствата не се депозити, не се гарантирани и не постои механизам преку кој клиентите ќе бидат обесштетени. Оттука, ако пропадне платформата преку која се врши тргувањето или субјектот којшто издал некое крипто-средство, не постои механизам за обесштетување на имателите на крипто-средства. Ова е една од причините поради кои вложувањето во крипто-средство се смета за високоризично.

Вложувањето во крипто-средства по правило се смета за високоризично. Високиот ризик што го преземаат лицата кои вложуваат во крипто-средства произлегува од високата променливост на нивната пазарна цена, а што е значително повисока споредено со променливоста на други финансиски и нефинансиски средства, на пример курсевите на суверените валути, приносите на акциите, или, пак, цените на стоките што се предмет на тргување на глобалните пазари (на пример нафтата). Ова значи дека за краток временски период се можни значителни промени во пазарната цена на крипто-средствата, и тоа како во нагорна, така и во надолна насока.

Оттука, сите коишто вложуваат треба да бидат исклучително внимателни и добро да се информираат за потенцијалните ефекти од нивните вложувања. Треба да бидат свесни дека вредноста на крипто-средствата може да биде и нула.

Исто така, треба да се напомене дека при вложување во крипто-средства, лицата се изложуваат и на бројни оперативни ризици и други ризици од загуба на нивниот имот, посебно во услови на развој на голем број јавни или приватни децентрализирани инфраструктури врз коишто се заснова поседувањето на крипто-средствата и нивната нерегулираност во глобални рамки. Со оглед на тоа дека издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средствата зависи од компјутерски системи и софтвери, во оваа сфера многу големо значење имаат ризиците поврзани со дигиталниот простор (т.н. кибер ризици) и можноста за т.н. хакерски напади. Покрај ова, поради високото ниво на анонимност при поседувањето одредени крипто-средства, како и при спроведувањето на трансакциите со крипто-средства, се зголемува и ризикот од перење пари и финансирање тероризам. Со тоа се зголемува ризикот од времено или целосно блокирање на одредени платформи и од замрзнување на дигиталните паричници на клиентите, како резултат на мерки на надлежните органи за спречување перење пари и финансирање тероризам или надлежните органи за истражување финансиски криминал. Исто така, и финансиските институции можат да одбијат спроведување платежни трансакции што се поврзани со вложување во крипто-средства, доколку оценат дека таквите трансакции ги изложуваат нив или нивните клиенти на високо ниво на ризик од перење пари или финансирање тероризам.

Народната банка апелира до потенцијалните инвеститори да внимаваат и да прават разлика и меѓу дигитални валути коишто може да ги издадат централните банки (CBDC) и крипто-средства издадени од приватни субјекти, а чија вредност е поврзана со вредноста на одредена суверена валута (англ. stablecoins). Кај овие крипто-средства (англ. stablecoins), независно што нивната вредност е „покриена“ со одредено портфолио валути, сепак тие секогаш се издаваат од приватни субјекти, според нивни правила.”

Законското регулирање на криптовалутите треба да претходи на разбирање на економската природа и правната природа на криптовалутата врз основа на нејзините клучни карактеристики и функции, како и разбирање на дефиницијата на криптовалутата (виртуелни пари) и нејзиниот правен статус.

И, крајно, уште еднаш треба да се напомене и акцентира ризичната природа на криптовалутите. Имено,истите, поради нивната волотилност сè уште се далеку од супститут на пари и може да предизвикаат многу несакани последици за лицата кои тргуваат со нив. Ова може да доведе до нестабилност, како во финансискиот, така и во општествениот систем на секоја држава. Оттука, постои голема веројатност дека токму ова ќе биде главниот фактор кој ќе го натера законодавецот да почне да гради и воведува сеопфатна крипто-регулатива.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest