Нови правила при возење на електричен тротинет

Со последните законски измени определени се правилата кон кои мора да се придржувате додека возите електричен тротинет, како и глобите за нивното непочитување. Истите се донесени поради се поголемата употреба на електричните тротинети како средство за превоз во урбаните средини.

Површини на кои е дозволено управување на електричен тротинет

Возачот на електричен тротинет е должен да го управува возилото по велосипедска патека или велосипедска лента, а доколку истите не се изградени, по пешачка патека, односно друга површина наменета за движење на пешаци. Ако двајца или повеќе возачи на електричен тротинет се движат во група, истите се должни да се движат еден позади друг.

Доколку на патот постои посебно уредена велосипедска патека, велосипедска лента, тротоар или пешачка патека, возачот на електричен тротинет е должен да го управува возилото по десната велосипедска патека, велосипедска лента, тротоар или пешачка патека во однос на правецот на движењето на сообраќајот.

На велосипедска патека, велосипедска лента, тротоар или пешачка патека, уредени и обележани за сообраќај на електрични тротинети во двете насоки, истите се движат по десната страна во правецот на движењето на возилата.

Возачот на електричен тротинет, може да се движи само по оние сообраќајни површини каде што е дозволено движење со такви возила, односно истиот, не смее да се движи по велосипедска патека односно лента со брзина поголема од 25 km/h.

Исто така возачот на електричен тротинет, не смее да се движи по тротоар, пешачка патека односно друга површина наменета за движење на пешаци, со брзина поголема од 6 km/h.

Глоби

Прекршочен платен налог со глоба во износ од 80 евра во денарска противвредност ќе му се издаде, согласно со одредбите од овој закон, на возачот кој ќе го управува електричниот тротинет на површини спротивно на правилата погоре.

Прекршочен платен налог со глоба во износ од 120 евра во денарска противвредност ќе му се издаде, согласно со одредбите од овој закон, на возачот кој ќе се движи со брзина поголема од 25 km/h односно со поголема брзина од 6 km/h на пешачка патека односно друга пвршина наменета за пешаци.

Прекршочен платен налог со глоба во износ од 80 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на родителот, односно старателот на дете кое ќе го управува електричнит тротинет на површини спротивно на правилата погоре.

Прекршочен платен налог со глоба во износ од 120 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на родителот, односно старателот на дете кое ќе се движи со брзина поголема од 25 km/h односно со поголема брзина од 6 km/h на пешачка патека односно друга пвршина наменета за пешаци.

Начин на управување

Возачот на електричен тротинет е должен да управува со возилото на начин на кој не се намалува стабилноста на возилото и не се попречуваат другите учесници во сообраќајот, а особено не смее да ги симнува рацете од управувачот, да се придржува за друго возило, да превезува, влече или турка предмети што можат да го попречуваат во управувањето со возилото или да ги загрозуваат другите учесници во сообраќајот.

Глоби

Прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност, ќе му се издаде на возачот кој постапува спротивно на овие правила.

Прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на родителот, односно старателот на дете кое постапува спротивно на правилата

Кој може да управува електричен тротинет

Електричен тротинет може да управува лице кое навршило 14 години возраст.  Возачот на електричен тротинет не смее да превезува други лица за време на управување со возилото.

Глоби

Прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на возачот кој ќе превезува други лица за време на управувањето.

Прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на родителот, односно старателот на дете кое управува електричен тротинет, а е под 14 годишна возраст.

Заштитна опрема

Возачот на електричен тротинет треба да носи заштитен шлем на главата за време на управувањето на возилото. Возачот на електричен тротинет, од првиот самрак до потполно разденување, како и во услови на намалена видливост е должен да носи рефлектирачки елек за време на управувањето на возилото.

Глоби

Прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска согласно со ќе му се издаде на возачот кој нема да носи рефлектирачки елек.

Прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на родителот, односно старателот на дете кое нема да носи рефлектирачки елек.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest