Министерството за економија во соработка со Меѓународната финансиска корпорација – IFC (групација на светска банка) изготви Нацрт зaкон за инсолвентност.
Според Министерството за економија целта од донесувањето на овој Закон за инсолвентност е да се воспостави солиден и ефикасен систем на инсолвентност, преку подобрување на регулаторната рамка за инсолвентност, а особено да се поттикнат претпријатијата со потешкотии да се обидуваат да преговараат за привремено ослободување на долговите и да ги договараат условите за подмирување на долгот надвор од судот преку соодветен механизам за инсолвентност.
Министерството за економија смета дека со изготвување на Законот за инсолвентност ќе се овозможи заштита на инвеститорите и нивните бизниси, пофлексибилна и поедноставна постапка за малите бизниси, појаснување на условите за учество на доверителите во стечајните постапки. Исто така во новиот закон се предвидени и одредби за навремено реструктуирање на претпријатија со потешкотии со цел должникот да преговара за опциите за намирување на долгот со своите доверители.
Предвидено е со новиот закон да се изврши и усогласување со: – Директивата 2019/1023 на Европскиот Парламент и Советот од 20.06.2019 година, особено во делот за рамката за превентивно преструктуирање, за ослободување од долгот и дисквалификациите и за мерките за зголемување на ефикасноста на постапките во врска со преструктуирањето, инсолвентноста и ослободување од долгот и Измените и дополнувањата на Директивата ЕУ 2017/1132 за преструктуирање и инсолвентност.
Целта за донесување на Директивата 2019/1023 на Европскиот Парламент и Советот од 20.06.2019 година е да придонесе за правилно функционирање на внатрешниот пазар и отстранување на пречките за остварување на основните слободи како што се слободното движење на капиталот и слободата на основање претпријатија, а кои и најчесто се јаваат поради разликите меѓу националните закони и процедури кои го регулираат превентивното реструктурирање на задолженоста, несолвентноста, ослободување од задолженоста врз законска основа, трансформација на задолжувањето. Од тие причини со новиот Предлог закон за инсолвентност предвидено е да се изврши и усогласување на Директивата, со цел поедноставување и конкретизирање на одредени постапки.
Поставената временската рамка за изготвување на овој Предлог – Закон за инсолвентност е од 11.02.2021 година до 30.04.2021 година, а за истиот не е најавена јавна расправа.
Се очекува со новиот Предлог закон за инсолвентност да се воспостави една конкретна законска рамка, каде сеопфатно и на исто место ќе биде уреден ефикасен сисем на инсолвентност.