Министерството за труд и социјална политика како предлагач изготви Нацрт на Предлог – Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи.
Според Министерството за труд и социјална политика целта од донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи е подобро усогласување на приватниот со професионалниот живот, преку создавање на законски решенија за поголема заштита на правото на неделен одмор и елиминирање на можните злоупотреби во однос на обезбедување на користењето на ова право.
Предлагачот смета дека со овој закон ќе се овозможи создавање на законски решенија за поголема заштита на правото на неделен одмор, при што ќе се дозволуваат исклучоци во определени дејности и ќе се елиминираат можните злоупотреби во однос на обезбедување на користењето на ова право.
Според предлагачот, по направени анализи, како и во насока на следење на современите меѓународни трендови во трудовата област, се појавила потребата за определување на недела како ден на неделен одмор за сите, со одредени исклучоци во дејностите каде работниот процес не дозволува да се направи прекин.
Измените и дополнувањата главно се направени во член 134 од Законот за работни односи каде се менува став 2 и се утврдува дека недела е ден на неделен одмор. Истиот член се дополнува со шест нови ставови, со кои се предвидува кај кои работодавачи од одделни дејности работниците можат да работат и во недела и дека за нив ден на неделен одмор ќе биде друг ден во неделата (став 3). Се предвидува и исклучок за работниците кај работодавачи од трговијата кој ќе се уреди со Законот за трговијата (став 4), во случаи на природни несреќи и хаварии на барање на работодавачот, работникот е должен да работи во недела (став 5). За работа во недела работниците ќе добијат додаток на плата од најмалку 50% за секој час на работа, доколку со закон и колективен договор не е утврден повисок износ на додатокот, како и право на ден на неделен одмор во наредните седум дена (став 6). За работа на недела работодавачот е должен да го извести Државниот инспекторат за труд (став 7). Содржината, формата и начинот на известување ќе се пропише од страна на министерот за труд и социјална политика (став 9). Покрај тоа, министерот надлежен од областа на трудот со подзаконски акт ќе ги дефинира помошните дејности и придружните работи (став 8).
Предвидено е и дополнување на ставот 3 од членот 106 со додаток на плата, како дел од третата компонента на платата за работа во недела.
Исто така се додава и нов член во Законот со кој се утврдува надлежност на државен инспектор на труд да изрекува санкција во вид на забрана за работа во случај на постапување спротивно на членот 134 од Законот, како и утврдување на правен лек против изречената санкција.
Измените и дополнувањата кои е предвидено да се направат со донесувањето на Законот за измени и дополнувања на Законот за работните би биле применливи почнувајќи од 1 јануари 2022 година.