Што предвидува македонското законодавство при давање лажна изјава за задолжителна самоизолација

Согласно заклучоците, мерките и протоколите усвоени од страна на Владата на Република Македонија во врска со пандемијата предизвикана од коронавирусот COVID-19, граѓаните на Република Македонија, како и странските државјани, при влез во државата со регулиран престој во неа, на граничниот премин задолжително треба да приложат направен валиден негативен PCR тест, не постар од 72 часа. Притоа, треба да потпишат и „Изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена“, врз основа на која ќе им се изготви Решение за здравствен надзор и домашна самоизолација. Оние граѓани на Република Македонија или странски државјани, кои при влез во земјата нема да приложат валиден негативен PCR тест, ќе бидат спроведени во државен карантин од 14 дена или по нивно барање ќе им биде направен PCR тест.

Владата на Република Македонија за време на вонредната состојба прогласена поради пандемијата предизивикана од коронавирусот, донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба. Според уредбата, за лицето кое било или се сомнева дека било во непосреден контакт со лице заболено или инфицирано со коронавирусот COVID-19, се применува мерка – строга изолација (карантин), во домашни услови во времетраење од 14 дена, за што лицето потпишува писмена изјава под полна морална, материјална и кривична одговорност дека ќе ја почитува мерката. Доколку лицето не ја применува мерката карантин во домашни услови, му се одредува мерката строга изолација (карантин), во времетраење од 14 дена во објекти определени од Владата на Република Македонија. Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана – Армијата на Република Македонија имаат право и обврска да поднесат кривична пријава против тоа лице доколку тоа своеволно го напушти карантинот пред истекот на неговото времетраење.

Она лице кое ќе даде лажна изјава, односно ќе го напушти својот дом и самоизолацијата и нема да ги почитува мерките за заштита на населението од заразни болести, ќе се смета дека сторил кривично дело против здравјето на луѓето „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, предвидено во член 206 став 1 од Кривичниот Законик.
Согласно Кривичниот Законик, за кривични дела против здравјето на луѓето се сметаат „пренесување заразна болест“, предвидено во член 205 од КЗ и „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, предвидено во член 206 од КЗ.

 

Пренесување заразна болест
Член 205

(1)Тој што со кршење на прописи или наредби со кои надлежен орган определува прегледи, дезинфекција, издвојување на болни или некои други мерки за сузбивање или спречување на заразни болести кај луѓето или со вработување или држење на лице кое боледува од заразна болест со вршење на полово дејствие или на друг начин, предизвика пренесување на заразна болест, ќе се казни со парична казна или со затвор до три година.
(2)Со казната од став 1 ќе се казни и тој што не постапува според прописите или наредбите од став 1 во поглед на сузбивањето или спречувањето на заразните болести кај животни кои можат да се пренесат на луѓето и со тоа предизвикува пренесување на заразна болест.
(3)Ако како последица од делото од став 1 е пренесена неизлечива заразна болест, сторителот ќе се казни со затвор од една до десет години.
(4)Обидот за делото од став 1 на овој член за пренесување на неизлечива заразна болест е казнив. (5)Тој којшто ќе ја загрози сигурноста на друг со лажна закана за пренесување или со ширење на невистинити тврдења за постоење на неизлечива заразна болест ќе се казни со парична казна или затвор до шест месеца.
(6)Тој што делото од ставовите 1 и 2 ќе го стори од небрежност, ќе се казни со парична казна или со затвор до шест месеци.

 

Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија
Член 206

(1)Тој што за време на епидемија на некоја опасна заразна болест не постапи според прописите или наредбите со кои се определуваат мерки за нејзиното сузбивање или спречување, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.
(2)Ако делото од став 1 го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest