Работодавачите и работниците се длабоко погодени од глобалната пандемија на коронавирусот и се соочуваат со финансиски загуби и потешкотии при работењето и одржливост на бизнисот. Со цел ублажување на негативните ефекти од вонредната состојба и сериозните негативни економски влијанија врз работниците и компаниите, Владата на Република Македонија донесе уредби со законска сила во кои се предвидени измени и дополнувања на повеќе одредби од Законот за работните односи кои ќе важат за време на траење на вонредната состојба.
Така, со една од уредбите е предвидена финансиска поддршка за работодавачите од приватниот сектор, кои се најпогодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот. Тоа значи дека работодавачите кои поради кризата не можат да ги исплатат платите на своите вработени за време на вонредната состојба, ќе можат да поднесат барање за финансиска поддршка за исплата на плати на вработените/субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување.
Економската криза неизоставно ќе доведе до потреба и од намалување на платите на вработените во оние компании кои се погодени од кризата, но не ги исполнуваат условите за државна финансиска помош. Во оваа смисла би требало да се има предвид дека според Законот за работните односи во случај на виша сила (вонреден настан кој не можел да се предвиди, спречи, избегне или отстрани и не е предизвикан од ниту една од договорните страни), работникот има право на половина од платата, на која инаку би имал право, доколку би работел.
Намалувањето на платата, секако, би се регулирало со склучување на анекс на договорот за вработување. Без оглед на тоа каков договор за вработување е склучен (на определено или на неопределено време), потпишување на анекс на договорот можат да предложат двете страни. Измени на договорот за вработување можат да се извршат доколку со тоа се согласат и работодавачот и работникот.
Доколку работниот процес се прекине поради деловни причини (привремен принуден одмор), а не поради виша сила, прекинот може да трае до 3 месеци и работодавачот е должен на вработениот да му издаде решение и да му исплати надоместок на плата во висина од 70% од платата.
Според Законот за работните односи, во случаите на природни или други несреќи, кога е загрозен животот и здравјето на вработените, видот или местото на вршење на работата, определени со договорот за вработување, може времено да се променат, без согласност на вработениот, но само додека траат таквите околности.
Согласно мерките и препораките на Владата во услови на вонредна состојба, доколку работодавачите не можат да организираат вршење на работа дома, тие треба, ако е можно, да ја реорганизираат работата во смени, така што да нема застој во работењето. Работодавачите, исто така, треба да го реорганизираат и прилагодат работното време во согласност со забраните за движење на територијата на Република Македонија и непречено да го организираат работниот процес.
Се надеваме дека овие препораки и законски рамки, ќе ви дадат насока за организирање и прилагодување на работата со новонастанатата состојба.