Кризата предизвикана од COVID-19 создаде необични околности, па поради тоа Владата на Република Македонија со донесување на мерки и уредби со законска сила го ограничи личниот контакт за време на вонредната состојба. Одредени процедури во институциите бараат задолжително физичко присуство на клиенти, но со донесување на Уредбата со законска сила за примена на законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам за време на вонредна состојба, предвидени се и дополнителни мерки за соодветна внимателност на клиентите што треба да ги преземат финансиските институции во случај клиентот да не е физички присутен при воспоставување на деловни односи.
Уредбата е донесена со цел постојано следење на деловниот однос, ажурирање на документите и податоците на клиентите, ополномоштувачите или вистинските сопственици и за работењето на клиентите со низок ризик за време на вонредната состојба и истата ќе се применува и 180 дена по престанувањето на траењето на вонредната состојба.
Согласно уредбата, во рамките на постојаното следење на деловниот однос со клиентите, субјектите можат да ги ажурираат истите со користење на системи на далечински пристап како што се електронски канали, контакт центри или мобилни апликации доколку во рамките на субјектот постојат оперативно-технички услови за верификација односно автентикација заради сигурно и веродостојно обезбедување на тие документи и податоци.
Автентикацијата (постапка којашто им овозможува на субјектите да го потврдат идентитетот на клиентот и преку користење на системи), на клиентот се врши преку комбинација од најмалку два од следниве три елементи:
- Знаење: преку слог на знаци што му е познат единствено на корисникот, како што е единствениот матичен број на граѓанинот (ЕМБГ), лозинка, пин и шифра;
- Владение: преку уред што единствено корисникот го поседува, како што е платежна картичка (со внес на последни 4 цифри од истата), мобилен телефон, код за еднократна употреб В За испратен на телефонски број на клиентот, клуч (токен), дигитален сертификат и електронска картичка и
- Својственост: преку некоја од единствените лични биометриски физички карактеристики на корисникот, како што се отпечаток од прст, ирис, препознавање говор или лице и геометрија на дланка;
Субјектите се должни да применат соодветни технички и организациски мерки кои ќе обезбедат ниво на безбедност на обработката на личните податоци соодветно на ризикот согласно прописите за заштита на личните податоци.
Постапката за ажурирање на документите и податоците за клиентот, не се смета како постапка со клиенти кои не се физички присутни согласно член 35 од Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам.
Пандемијата COVID-19 веројатно ќе има и негативни ефекти врз спроведувањето на овие мерки, бидејќи овие вонредни услови вклучуваат и многу предизвици и ограничувања поврзани со вообичаените начини на спроведување на постапки, па поради тоа електронскиот начин за воспоставување врски најверојатно ќе претставува оптовареност на финансиските институции.
Покрај дополнителниот притисок, друг загрижувачки момент е реалниот ризик од зголемена измама преку користење на системи на далечински пристап. Голема веројатност е дека клиентите ќе користат електронски услуги во овие времиња на пандемија, но некои од нив не се навикнати да користат услуги на ваков начин, па поради тоа истите се поранливи на измами за лични податоци и измами за перење пари.
Времето на криза честопати е проследено и со зголемување на криминалните активности, а измамите за перење пари не се исклучок од тоа. Како ќе се спроведе сево ова од финансиските институции останува да се види.