Намалени судските такси

Од денеска стапува на сила Законот за изменување и дополнување на Законот за судски такси, со кој граѓаните добиваат големо намалување на трошоците кои ги имаат во судовите.

Во однос на претходните цени судските такси за предмети во првостепена постапка се за околу осум пати намалени, а новиот тарифник стапува на сила од денеска.

Трошоците за судските такси, во првостепена постапка, ќе се движат од 480 денари до максимални 6.000 денари, во зависност од вредноста на спорот.

Досега во првостепените постапки највисоката судска  такса изнесуваше 48.000 денари, а сега со новите измени граѓаните ќе плаќаат најмногу 6.000 денари, односно од 480 денари до 6.000 денари во зависност од вредноста на спорот.

Практичната примена на новите измени е опишана во следните примери и тоа:

ПРИМЕР 1:

“При тужење на осигурителна компанија за надомест на штета за вредност на спорот од 3 милиони денари, судската такса што треба да се плати изнесува 2% од вредноста на спорот. Во овој случај граѓанинот ќе требаше за судски такси да го плати максималниот износ за судска такса од 48.000 денари. Сега според донесените нови измени, давачката ќе биде само 6.000 денари, односно осум пати помалку. Доколку е потребно да се реши случајот до крај и да се искористат сите редовни и вонредни правни лекови, по старата тарифа за истиот спор ќе требаше да се плати вкупно 288.000 денари, (тужба 2%, одлука 2%, жалба 4%, ревизија 4%). По новите измени на Законот за судски такси, најмногу може да се плати износ од 36.000 денари или 252.000 помалку, доколку се жалите“.

ПРИМЕР 2:

“Доколку се тужи за долг од 15.000 илјади евра или околу 930.000 илјади денари, оттука, започнувате парнична постапка на суд и судската такса е 2% од вредноста на спорот. По старата тарифа за такса, треба да се плати износ од 18.600 денари судска такса, а по новата, ќе се плати само износ 6.000 денари, со што надоместокот за судска такса во конкретниот пример е намален за 12.600 денари“.

Оваа законска измена е донесена со цел граѓаните да ги остваруваат своите права по судски пат кога сметаат дека некое нивно право е нарушено, со што се подобрува владеењето на правото во државата, а судовите стануваат подостапни за сите граѓани.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest