Во месец септември годинава беше најавена подготовката за измени на Законот за парничната постапка од страна на Министерството за правда на Република Македонија со цел надминување на констатираните слабости и подобрувања на законските одредби поради нивна поголема применливост.
Со Законот за парничната постапка се уредуваат правилата на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува во споровите за основните права и обврски на човекот и граѓанинот, за личните и семејните односи на граѓаните како што се работните, трговските, имотните и другите граѓанско- правни спорови, ако со закон за некои од тие спорови не е определено за нив судот да решава според правилата на некоја друга постапка.
Со донесувањето на Предлог – законот за парничната постапка се очекува да се создаде функционална, успешена и ефикасна парнична постапка во Република Македонија, а со тоа воспоставување стабилен граѓанско-правен систем преку пополнување на постоечките правни празнини и негово усогласување со европската регулатива.
Одредени прашања и проблеми доведоа до потреба од подобрување на законскиге одредби и соодветни измени на законот во делот на одредбите со кои се уредува тек на постапката, докази и изведување на докази, одредување на вештачење, подготвување на главната расправа заради ефикасна главна расправа, зголемување на прагот за ревизијата како вонреден правен лек во услови на разработени основи каде ревизија е секогаш можна, поефикасна постапка кај споровите од мала вредност, полномошниците на странките, поднесоци (документи/докази кои се наоѓаат кај другата страна или трето лице), рокови и рочишта, поедноставување и забрзување на доставата, вградување на заштитата на колективните права и интереси, како и усогласување со други поврзани закони.
Со оглед на тоа што временската рамка за изготвување на предлог законот беше 21.09.2020 – 31.10.2020, се очекува наведените измени да бидат имплементирани и усвоени.