Новиот Закон за финансиска поддршка предвидува поголема помош за компаниите

Во месец април, 2020 Владата на Република Македонија донесе уредби со законска сила за финансиска поддршка на компаниите и физичките лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од COVID-19, односно финансиска директна помош од 14.500 денари месечно, за секој вработен од фирмите погодени од кризата.

Финансиската поддршка се однесува на секое претпријатие од приватниот сектор кое вработува работници врз основа на договор за вработување, секое правно лице кое вработува работници врз основа на договор за вработување и работодавачите кои преку приватни агенции за вработување, ангажираат работници за извршување работни задачи, согласно Законот за приватни агенции за вработување.

Со оваа мерка се врши исплата на платите на работниците кај работодавачот-барател на финансиска поддршка во износ најмногу до 14.500 денари месечно по работник, сразмерно на работните часови поминати на работа пред настанување на кризата предизвикана од COVID-19.

Оваа мерка – финансиска поддршка за исплата на плати, продолжува да важи и за последниот квартал од годината, односно и за месеците октомври, ноември и декември. Новост во оваа мерка е што поддршката ќе биде одредена скалесто согласно падот на приходите кај компаниите. Колку е поголем падот на приходите во компаниите опфатени со оваа мерка, толку поголема ќе биде поддршката од државата за исплата на платите и таа ќе се движи од досегашните 14.500 денари до 21.776 денари. За да се оствари правото на неа, компаниите што ќе аплицираат мора да го задржат бројот на вработени заклучно со 31 јули 2020 година.

Владата на РМ заради продолжување на оваа мерка го усвои Предлог-законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од кризата предизвикана од COVID-19 за исплата на платите за октомври, ноември и декември 2020 година. Работодавачите ќе можат да аплицираат за финансиска поддршка до 21.776 денари по вработен, до 7-ми во месецот за претходниот месец, а корисници можат да бидат фирмите што имаат пад на приходи во референтниот период од април до октомври 2020 година најмалку 30%, споредено со истиот период минатата година.

Со новиот Закон за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците октомври, ноември и декември 2020 година, на потешко погодените фирми од кризата предвидено е да им се исплаќа повисока финансиска поддршка. Имено, фирмите што имаат намален приход од 30% до 40%, ќе добијат финансиска поддршка до 14.500 денари по вработен; за намален приход од 40,01% до 50% предвидени се до 15.955 денари по вработен; за намален приход од 50,01% до 60% до 17.410 денари по вработен; за намален приход од 60,01% до 70%, до 18.865 денари по вработен; за намален приход од 70,01% до 80%, до 20.320 денари по вработен и за намален приход од над 80% износот на финансиската поддршка за исплата на плати ќе изнесува до 21.776 денари по вработен. Со Законот е утврдено дека не се опфатени фирмите што оствариле поголем профит од 10 милиони евра кумулативно во последните три години.

Како референтен период во законот се зема финансискиот резултат на фирмите од април до октомври, ноември и декември 2020 година и се споредува со истиот период лани. Во случај фирмата да е регистрирана по септември 2019 година, се зема датумот од запишување во Централен регистар.

Фирмите коишто аплицираат за мерката не можат да исплаќаат дивиденда и награда за деловна успешност или друг вид годишна награда до денот на исплата на платата за декември 2020 година.

Во однос на работниците, фирмите што аплицираат за финансиска поддршка можат да имаат најмногу 10% од вработените со месечна нето-плата од над 120.000 денари. Фирмите не можат да аплицираат за финансиска поддршка за плата за вработен кој во јуни, јули, август и септември остварил нето-плата повисока од 39.900 денари за секој месец одделно на полно или неполно работно време. Исто така, мерката нема да може да се користи за вработени за кои се користи мерката „Македонија вработува“, како и за вработени кои се ангажирани за дополнително работење.

Работодавачите што користат финансиска поддршка, нема да смета да го намалуваат бројот на вработени два месеца по завршувањето на месецот за кој е користена финансиската поддршка, заклучно со  февруари 2021 година, освен во случај на пензионирање, откажување на договорот за вработување од страна на работникот, спогодбено преземање на работникот,  откажување на договорот за вработување без отказен рок од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски и слично.

Во Законот се предвидени и заштитни механизми со цел платата да стигне во целост до работникот. Имено, во случај работодавачот да исплати помала плата на работникот од сумата што му е доделена, превидени се глоби до 10 илјади евра, во зависност од големината на правниот субјект.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest