По предлог на Министерството за финансии ќе се прави измена во Законот за игрите на среќа и забавните игри.
Во новиот Предлог – Закон за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и забавните игри, предлагачот Министерството за финансии, предлага обложувалниците и казината да бидат 500 метри оддалечени од образовните институции, како основните, средните училишта и факултетите. Согласно, нивната проценка ваквиот предлог ќе има позитивен ефект врз младата популација која на овој начин би се заштитила од навиките кои не се соодветни за нивната возраст.
Министерство за финансии ја утврдило ваквата потреба бидејќи во постојниот закон воошто не е утврдена оддалеченоста од основни и средни училишта и високообразовни институции, на деловните простории во кои се одвиваат игрите на среќа. Со сегашно постоечкиот закон приредувачите на игри на среќа во обложувалница и автомат клуб, со добивањето на една лиценца за автомат клуб и обложувалница имаат можност да отворат неограничен број на деловни простории односно уплатно – исплатни места. Од десегашните искуства се покажало дека ваквиот начин на отворање на деловните простории за приредување на игри на среќа на автомати има позитивни ефекти само за приредувачите на игри на среќа, на кои им се овозможува со плаќање на надоместок само за една лиценца да отворат голем број на деловни простории, што пак има негативни ефекти врз Буџетот на Република Македонија заради помалку остварените приходи по овој основ.
Поставената временската рамка за изготвување на овој Предлог – Закон за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и забавните игри е од 21.01.2021 година до 16.02.2021 година, а за истиот не е најавена јавна расправа.
Во образложението доставено од страна на предлагачот, наведено е дека цел за донесување на овој закон е заштита на младата популација од лоши и несоодветни навики за нивната возраст, поради што предлагаат деловните простории, односно уплатно-исплатните места во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат оддалечени 500 метри од основни и средни училишта и високообразовни институции до кои се доаѓа по најкраткиот безбеден пат.
Но, сепак досега во јавноста ваквиот предлог наиде на негативни коментари од страна на засегнатите страни, од причини што како што велат, ваквата измена ќе значи отпуштање на многу вработени како и намалување на легалната работа на приредувачите на игри на среќа, со што ќе се запрел приливот на милиони во Буџетот, а според нив истото ќе доведе до цветање на црниот пазар, односно пораст на црната економија.
Дополнително ќе се утврди дали овие негативни коментари ќе имаат некакво влијание врз предлагачот и Владата, како и тоа какви ќе бидат реалните последици од донесувањето на овој Предлог – Закон за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и забавните игри.