Заштита на деловна тајна и законско регулирање во Република Македонија

Деловна (трговска) тајна е збир на податоци и информации кои што имаат економска вредност, не се познати, не се дознаваат и утврдуваат лесно од страна на трети лица, а се посебно значајни за оние кои ги поседуваат. Затоа, деловниот субјект кој е сопственик на доверливите податоци и информации, презема мерки за истите да ги заштити и чува во тајност затоа што важно е тие да претставуваат тајна и да не се јавно познати. Најчесто деловната тајна е и соодветно заштитена со закон или други прописи и акти.

Деловната тајна е важна за компаниите (големи и мали), во сите економски сектори затоа што има бизнис вредност и компетативна предност за нив. Сепак, додека големите компании имаат ресурси да управуваат со големо портфолио на права од интелектуална сопственост, како што се на пример патентите, помалите компании најчесто не можат да си дозволат да го сторат тоа – затоа, нивната зависност од деловна тајна е поголема.

Иако критериумите се различни во секоја земја, постојат два општи стандарди за квалификување на информациите и податоците како деловна тајна:

  • Тајноста на информациите – информациите мора да се доверливи или тајни, а не општо познати;
  • Комерцијална вредност на информациите – тие мора да имаат комерцијална вредност со оглед на тоа дека се тајна, а сопственикот на тие информации мора да превземе соодветни мерки за да ги заштити и да ги чува како доверливи или тајни;

За да се заштитат доверливите и тајни податоци и информации, треба да постои и законодавство кое ќе ја регулира и штити деловната тајна. Европската унија беше меѓу првите што даде поттик за таква заштита, со донесување на Директивата 2016/943 за заштита на неоткриени знаења и искуства и трговски информации (деловни тајни) од незаконско набавување, користење и употреба (Directive (EU) 2016/943 of the European Parliament and of the Council of 8 June 2016 on the protection of undisclosed know-how and business information (trade secrets) against their unlawful acquisition, use and disclosure) во 2016 година, со која се очекува законската регулатива на земјите во Европа да се усогласи и изедначи, во однос на дефиницијата на деловната тајна, обемот на заштита, правните средства кои служат за нејзина заштита итн.

Во Република Македонија не постои lex specialis, односно посебен закон за заштита на деловната тајна или за заштита на информациите и податоците, но постојат повеќе законски прописи во кои се содржани одредби кои го регулираат прашањето за деловна тајна.

Со членот 35 од Законот за работните односи е регулирана обврската на чување на деловна тајна и во него е предвидено дека работникот не смее да ги користи за сопствена употреба или да ги предаде на трето лице податоците кои претставуваат деловна тајна на работодавачот, кои со посебен акт се определени како такви од страна на работодавачот и кои му биле доверени на работникот или со кои тој бил запознат на друг начин. Притоа, работникот е одговорен за издавање на деловната тајна ако знаел или морал да знае за тајноста на податоците. Секој работник кој доаѓа во контакт со материјали, информации и податоци кои се класифицирани како деловна тајна е должен да ја чува тајната на истите. Истото важи и за претставниците на работниците и експертите што им помагаат, кои не смеат на работниците или на трети страни да им откриваат информации од таков карактер кои им биле кажани во доверба. Обврската за чување на деловната тајна продолжува да важи и по завршувањето на мандатот/престанок на работниот однос.

Дополнително, во членот 82 став 1 точка 6 од Законот за работните односи е предвидено дека работодавачот може да го отпушти работникот од работа ако тој оддаде деловна/службена тајна. Сентенцата на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.239/2014 од 14.10.2015 година, а во врска со неовластено соопштување на деловна тајна, гласи: Не постои повреда на работниот ред и дисциплина со неовластено соопштување на деловна тајна доколку претходно работодавачот во посебен акт не определил кои факти, исправи, податоци и документи се прогласени за деловна тајна“.

Одредби во врска со чување на деловна тајна се содржани и во Законот за облигационите односи. Согласно член 22 од ЗОО ако во облигациониот однос меѓу две договорни страни, едната страна во текот на преговорите ѝ дала на другата страна доверливи информации, другата страна не смее да ги направи тие информации достапни на трето лице, ниту да ги користи за свои интереси, без разлика дали договорот ќе се склучи или не. Информации кои се сметаат за доверливи, правното лице ги утврдува со општ акт.

Исто така, Законот за трговските друштва и Законот за банките содржат одредби за заштита на деловна тајна, додека со Кривичниот законик (член 281) оддавањето и неовластеното прибавување деловна тајна се смета за кривично дело казниво со затворска казна во траење од една до пет години, од три месеци до три години или од една до десет години, зависно колкава штета ќе се предизвика со оддавањето на податоците и информациите.

Сепак, од суштинско значење е донесувањето на lex specialis – посебен закон за заштита на деловна тајна, кој би довел до зајакнување на заштитата на виталните информации на деловните субјекти што се изложени на ризик од откривање.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest