Како една од новите мерки за спречување на ширењето на корона вирусот Владата на последната седница донесе одлука за скратување на работното време на угостителските објекти до 21 часот. По 21 часот ќе работат само локалите кои ќе вршат достава и шалтерска продажба на храна, а одлуката важи и за угостителските објекти кои се дел од бензинските станици.
Исклучок од ова се само угостителските објекти на ТАВ ародромите во Скопје и Охрид и хотелските ресторани, но само за гостите кои престојуваат во нив.
На седницата беше донесена и одлука за забрана на групирање на повеќе од 4 лица на јавен простор по 21 часот, а усвоена е и препорака за сите домашни и странски граѓани на територијата на Република Македонија да не се движат на јавен простор по 21 часот, доколку немаат важни и неопходни потреби.
Од страна на Владата донесена е и препорака за граѓаните да не се групираат во домовите по повод семејни прослави, слави или други собири во групи поголеми од четири лица, доколку истите не живеат во иста заедница.