Носењето маска на отворено станува задолжително!

Собранието ги усвои измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести и истиот ќе стапи на сила по објавување во Службен весник.

Сите граѓани, освен децата на возраст од под 6 години и лицата со специфична здравствена состојба, лицата со посебни потреби или лицата со пречки во развој поради што носењето на лична заштита на лицето би било проблематично или контраиндицирано, ќе мора да носат маски и на отворено. За неносење маска на отворено предвидена е парична казна од 20 евра.

Покрај задолжителното носење маска на отворено, законот ja регулира и самоизолацијата, таа станува задолжителна при тестирање за коронавирус COVID-19 од закажување на тестот или самото тестирање до добивање на резултатот, а самоизолацијата продолжува доколку резултатот е позитивен. Доколку дојде до прекршување на самоизолацијата, предвидената казна изнесува 50 евра.

Воведена е и забрана за групирање на јавен простор (паркови, јавни површини или било која површина на отворено), во одредени периоди од деноноќието и други мерки утврдени со закон. Казната за тие што ќе се групираат на отворено ќе изнесува 500 евра.

Законот предвидува носење лична заштита на лицето и тоа: респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично, при излегување надвор од домот односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори на оператори кои поради нивната природа на дејност претставуваат место на собирање на повеќе лица (државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени установи и слично).

Оваа мерка нема да важи:

  • при спортување на отворен простор или на затворено со почитување на специфичните протоколи за заштита (дистанца, дезинфекција и слично);
  • при возење во приватно патничко моторно возило ако возачот е сам или со лице/лица со кој/кои што живее во заедница;
  • при престојување во двор на семејна куќа сам или со лице/лица со кој/кои што заедно живеат во заедница;
  • при седење во угостителски објект со почитување на специфичните протоколи за заштита (дистанца, дезинфекција и слично);
  • ако се користи друг тип на заштитна опрема специфична за определено работно место;
  • ако лицето е помладо од 6 годишна возраст (дете);
  • ако лицето има специфична здравствена состојба, е лице со посебни потреби или е лице со пречки во развој поради што носењето на лична заштита на лицето би било проблематично или контраиндицирано;

Покрај погоре наведените мерки, со измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести е регулирано и лекувањето на лицата заболени од COVID-19. Законот предвидува лекување и изолирање на болните лица во приватни здравствени установи или во домашни услови, покрај лекување во јавните здравствени установи. Приватните здравствени установи освен соодветна дозвола, треба да имаат и согласност од Министерството за здравство за вршење на дејноста за интезивна нега и терапија. Болните лица ќе имаат можност да се лекуваат во приватни здравствени установи во случаи кога во јавните здравствени установи е исполнет капацитетот за лекување.

Мерките ќе траат додека постои опасност од ширење на епидемија.

Мерката за контрола на домовите, односно дозволено доаѓање на само четири лица во еден дом, кои што не се членови на тоа домаќинство е повлечена.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest