Одредби од Законот за работни односи и Oпштиот колективен договор за приватен сектор од областа на стопанство во корист на работниците, а ,,непознати“ за македонските работодавачи

Со Законот за работни односи се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Цел на законот е вклучување на работници во работниот процес, како и обезбедување на усогласено одвивање на тој процес, при што се почитува правото на работниците на слобода на трудот, достоинство и заштита на интересите на работниците во работниот однос. Овој закон ги уредува и работните односи на работниците вработени во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа, установите, јавните претпријатија, заводите, фондовите, организациите и други правни и физички лица кои вработуваат работници, доколку со друг закон поинаку не е определено. Исто така, овој закон се применува врз работните односи меѓу работодавачите кои имаат седиште или престојувалиште во Република Македонија и кај нив вработените работници, кога работата постојано се врши на територијата на Република Македонија, како и во случаите кога работодавачот привремено ќе го упати работникот на работа во странство.

 

            Годишен одмор

Работникот има право на платен годишен одмор од најмалку 20 работни дена. Годишниот одмор со колективен договор или договор за вработување може да се продолжи до 26 работни дена.Траењето на годишниот одмор се определува според времето поминато во работен однос, условите за работа и други критериуми утврдени со колективниот договор. Празниците, саботите и неделите и слободните денови, отсуствата поради боледување, како и другите случаи на оправдано отсуство од работа не се пресметуваат во деновите на годишниот одмор.Како ден на годишен одмор се смета секој работен ден кој е според распоредот на работното време кај работодавачот за конкретниот работник одреден како работен ден. Работникот кој за првпат заснова работен однос се стекнува со правото на цел годишен одмор, кога ќе оствари непрекината работа од најмалку шест месеца кај ист работодавач, без оглед на тоа дали работникот работи полно работно време или пократко работно време од полното.) Годишниот одмор по правило се користи во текот на календарската година. Годишниот одмор може да се користи во повеќе делови во договор со работодавачот, со тоа што еден дел од годишниот одмор мора да трае најмалку две непрекинати работни недели. Работодавачот е должен на работникот да му обезбеди искористување на 12 работни дена годишен одмор до крајот на тековната календарска година, а остатокот до 30 јуни идната година.Годишниот одмор којшто не бил искористен во тековната календарска година заради отсутност поради боледување или повреда, породилен одмор или одмор за нега и чување на дете, работникот има право да го искористи до 30 јуни идната календарска година.Годишниот одмор се користи земајќи ги предвид потребите на работниот процес, како и можностите за одмор и рекреација на работникот водејќи сметка за неговите семејни обврски. Ништовна е каква било спогодба со која работникот би се откажал од правото на годишен одмор. Глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на работодавач – правно лице, ако не ги почитува горенаведените одредби.

 

            Раскин на договорот за вработување

Договорот за вработување престанува да важи:

1) со изминување на времето за коешто бил склучен;

2) со смрт на работникот или работодавачот (физичко лице);

3) поради престанување на работодавачот согласно со закон;

4) со спогодбено раскинување;

5) со отказ;

6) со судска пресуда и

7) во други случаи утврдени со закон.

 

Договорот за вработување на определено работно време престанува да важи со изминувањето на рокот за којшто бил склучен, односно кога договорената работа е завршена или со престанувањето на причината, заради којашто бил склучен.Договорот за вработување страните можат кога било да го раскинат со писмена спогодба која мора да содржи одредба за последиците, коишто настануваат за работникот поради договорното раскинување при остварувањето на правата врз основа на осигурување за случај на невработеност.Спогодбата  се потпишува на денот на престанокот на работниот однос и истата треба да содржи своерачно напишано име и презиме од работникот и од работодавачот, своерачно напишан датум на престанок на работниот однос од работникот и од работодавачот и своерачен потпис на работникот и на работодавачот. Доколку спогодбата за раскинување на договорот за вработување е склучена спротивно на горенаведото е ништовна.

Работникот може да го откаже договорот за вработување ако писмено изјави дека сака да го откаже договорот за вработување. Работодавачот може да го откаже договорот за вработување, само ако постои основана причина за отказ поврзана за однесувањето на работникот (лична причина на страна на работникот), поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски (причина на вина) или ако причината е заснована на потребите на функционирањето на работодавачот (деловна причина).

Работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување, кога не е можно продолжување на работниот однос, ако:

1) работникот заради своето однесување, недостаток на знаења или можности или заради неисполнување на посебните услови определени со закон, не е способен да ги извршува договорните или други обврски од работниот однос (лична причина) или

2) работникот ги крши договорните обврски или други обврски од работниот однос (причина на вина) и

3) престане потребата од вршење на одредена работа под условите наведени во договорот за вработување заради економски, организациони, технолошки, структурни или слични причини на страна на работодавачот (деловни причини).

 

            Прекувремена работа

Основната плата на работникот се зголемува по час најмалку за:

– прекувремена работа ………………………………..     .35%

– работа ноќе………………………………………………..    .35%

– работа во три смени … ………………………………….. 5%

– работа во ден на неделен одмор… ……………. …   50%

За работа во денови на празници и неработни денови утврдени со закон, работникот има право на надомест на платата што му припаѓа кога во тие денови не работи и плата за поминатите часови на работа зголемена за 50%. Додатоците, меѓусебно не се исклучуваат . Правото на зголемен надоместок по основ на работа во три смени работникот го остварува само за ефективно проведено работно време во смени. Основната плата на работникот се зголемува за 0,5% за секоја година работен стаж.

 

            Регрес за годишен одмор

Регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач. Ова право му следи на работникот без разлика дали тековната година ја завршува кај работодавец. Во овој случај работникот се стекнува со работење на 6 месеци од календарската година без разлика на датумот на засновање и прекин на работниот однос.

 

            Заклучок

            Горенаведото, претставува резиме на сите императивни и задолжителни одредби од законските норми кои ја регулираат материјата на работни односи. Ова значи дека работодавците не смеат истите да ги прекршуваат или на некој друг начин изменуваат. Оттука, логички може да се заклучи дека обврската на работодавците претставува право на работниците и како такво правен основ за тужбено побарување пред надлежен суд.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest