Од среда стартува новиот, втор пакет бескаматни кредити наречен „Ковид 2″, преку Развојната банка, што ќе биде достапен за микро, малите и средни компании погодени од кризата предизвикана од COVID-19. Фирмите ќе можат да аплицираат за бескаматен кредит до 90.000 евра, преку компензациониот фонд на Јапонија.
Досега во првата кредитна линија „Ковид 1“ се одобрени барањата за средства на 254 компании со 2.853 вработени, во вкупен износ од 2,2 милиони евра. Износот на вкупните средства што им се даваат на располагање на компаниите со двете кредитни линии изнесува 13,7 милиони евра. Покрај тоа преку комерцијалните банки, компаниите имаат на располагање и околу 50 милиони евра.
Во однос на првата кредитна линија „Ковид 1“, овој пакет е пообемен и наменет за сите дејности без ограничувања, погодени од кризата. Максималниот износ на кредит е три пати поголем во однос на првата кредитна линија. Во „Ковид 2“, минималниот износ на кредит за кој компаниите може да аплицираат, изнесува 3.000 евра, а максималниот износ е 90.000 евра. Сумата на кредитот се одредува според бројот на вработени заклучно со 31.01.2020, односно минималната плата се множи по бројот на вработени и по 3 месеци. Како што кажува и името на кредитната линија – камата е нула. Трошоци за аплицирање кон Развојната банка исто така нема да се плаќаат. Рокот на отплата е до 3 години со вклучен грејс период до 12 месеци.
Средствата во висина од осум милиони евра се обезбедени преку компензациониот фонд на Јапонија.
Аплицирањето ќе биде електронски, а документацијата за „Ковид 2“ е речиси иста како и за првиот пакет „Ковид 1“. Во соработка со Ценралниот регистар договорено е потребните документи од оваа институција да се издаваат бесплатно.
Повеќе детали прочитајте на сајтот на Влада.