Викенд без ДДВ – кои се вашите придобивки?

Овој викенд граѓаните на Република Македонија ќе имаат можност да купуваат македонски производи и компјутерска опрема во вредност до 30.000,00 денари по лице без пресметан данок на додадена вредност.

За потребите за реализирање на оваа мерка, Владата по предлог на Министерството за финансии, го утврди  Предлог – законот за изменување и дополнувањe на Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица.

Со измените на горенаведениот закон, физичките лица кои се пријавени и го користат апликативниот софтвер на Управата за јавни приходи, односно апликацијата МојДДВ преку која се скенира бар кодот на фискалните сметки, ќе имаат можност да им се врати целиот износ на данокот на додадена вредност за фискалните сметки издадени на 10,11 и 12 октомври 2020 година.

Повратот на ДДВ ќе се реализира преку апликацијата МојДДВ, а враќањето на данокот ќе се врши на трансакциска сметка на граѓаните до крајот на октомври, односно 15 дена од денот на издадената фискална сметка.

Граѓаните, фискалните сметки од овој викенд без ДДВ треба да ги скенираат во рок од 3 дена од денот на издавањето на фискалната сметка, а вкупниот промет на добра и услуги од викендот без ДДВ на кој е пресметан данок на додадена вредност да не го надминува износот од 30.000 денари по лице.

Оваа мерка е донесена со цел поттикнување на прометот на домашните производи, како и зголемена дигитализација на нашето општество.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest