Дополнителни мерки на Владата за спречување на ширењето на COVID 19

На последните седници на Владата на РМ донесени се повеќе Уредби поради вондредната состојба предизвикана од пандемијата COVID-19.

Ви ги пренесуваме во целост Уредбите објавени на официјалниот сајт на Влада.

Владата на Република Северна Македонија на 29-та седница го разгледа и усвои записникот од единаесеттиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19, одржан на 26 март 2020 година.
На оваа седница, а во врска со Одлуката од 28-та седница за проширувањето на забраната за движење за време на викенд деновите во сабота и  недела од 16:00 часот до 05:00 часот, е утврдено појаснување за ова ограничување кое се однесува на земјоделците заради интензивирање на сезоната на земјоделски работи, особено во градинарските култури.

Во делот на исклучувањето на земјоделците од сите донесени одлуки, заклучоци, мерки и препораки на Владата, се допрецизира дека истиот се однесува на земјоделците што одгледуваат раноградинарски култури и имаат неодложни активности за одгледување на истите во овој период.

Дополнително, оние земјоделци, фармери, сточари и други земјоделски работници кои преку подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе се пријават за добивање на дозволи за движење, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку Министерството за информатичко општество и администрација истите да ги издаде. За ова, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соодветно да го информира земјоделскиот сектор.

На 29-та седница Владата донесе Одлука за дополнување на Одлуката за укинување на увозната давачка – царинската стапка за потрошен медицински материјал, и за лекот „хлорокин“ (chloroquine).

Во насока на обезбедување сеопфатен и координиран пристап во идентификување и пренасочување на достапната билатерална помош за активностите за спречување на КОВИД-19, на оваа седница Владата ги задолжи сите органи на државната управа кои добиваат помош од билатерални донатори итно да го известат Секретаријатот за европски прашања за висината на средствата кои стојат на располагање за секој од проектите. СЕП потоа, ќе достави формално барање до билатералните донатори за пренамена на средствата за справување со КОВИД-19, согласно утврдените приоритетни потреби.

На оваа седница Владата донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за земјоделско земјиште.
Согласно оваа Уредба, роковите кои се определени согласно Законот за земјоделското земјиште за донесување на одлука по отпочнати  постапки со прибирање на понуди кои истекуваат за време на траење на вонредната состојба, престануваат да течат за време на траењето на вонредната состојба и почнуваат одново да течат по истекот на траењето на вонредната состојба.

По истекот на траењето на вонредната состојба изборот на најповолен понудувач во отпочнатите постапки со прибирање на понуди за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 хектари ќе се врши согласно Правилникот за поблиските критериуми за избор на најповолен понудувач на земјоделското земјиште кое може да се даде во закуп.

На 27.03.2020 година на 30-тата седница Владата донесе Уредба со законска сила за изменување на Законот за санација и реконструирање на дел од банките во Република Северна Македонија, која ќе се применува за време на траење на вонредната состојба и која утврдува дека отплатата на главницата на обврзницата за надоместување на селективните кредити на Народна банка на Република Северна Македонија ќе се изврши на 1 април 2021 година.

Продолжувањето на рокот за отплата на обврзницата утврден со оваа Уредба е со цел средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година наменети за отплата на обврзницата да се искористат за справување со последиците што корона вирусот ги има врз економијата во земјата.

Владата на Северна Македонија денеска ја донесе и Уредбата со законска сила за примена на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа за време на вонредна состојба, со која се овозможува активностите за донесување и доставување на Годишните сметки на единиците на локалната самоуправа и периодичните финансиски извештаи да бидат одложени за време на траењето на вонредната состојба.

На оваа седница Владата ја донесе Уредбата со законска сила за примена на Законот за данокот на додадена вредност за време на вонредна состојба, со која даночните обврзници имаат можност фактурите, покрај во хартиена форма, да ги издаваат и во електронска форма. Ова е со цел да се олесни работењето на даночните обврзници, како и да се спречи користењето на хартија со цел намалување на ризикот од ширење на коронавирусот COVID-19.

Донесена и Уредба со законска сила за примена на Законот за заштита и спасување за време на вонредна состојба за координирање на работата на штабовите на единиците на локалната самоуправа (општините и градот Скопје).

Уредбата утврдува дека за време на траење на вонредната состојба координирањето на штабовите на единиците на локалната самоуправа (општините и градот Скопје) се врши од страна на координативно тело кое го сочинува главен координатор, заменик на главниот координатор и членови на штабот.

На оваа седница Владата ја донесе и Уредбата со законска сила за примена на Законот за локалната самоуправа за време на вонредна состојба, со која донесувањето на буџетот и годишната сметка на буџетот на единиците на локалната самоуправа се одложуваат за време на траењето на вонредната состојба.

Владата ја донесе и Уредбата со законска сила за примената на Законот за јавните претпријатија за време на вонредна состојба, со која се утврдува дека вишокот на средствата кои се остварени од работењето на јавните претпријатија основани од Владата, се уплаќаат во буџетот на Република Северна Македонија.

Владата на Република Северна Македонија, согласно оваа уредба, ќе носи одлука за распоредување на средствата на правните лица со потешкотии во работењето кои покажуваат финансиска загуба предизвикана од вонредната состојба, врз основа на претходно утврдена листа.

На оваа седница Владата ја разгледа и усвои информацијата во врска со можностите на Министерството за локална самоуправа за учество на конкретни активности согласно планот на Министерството за здравство за справување со состојбата од настанатата епидемија.

Согласно оваа информација, Министерството за локална самоуправа, во соработка со Швајцарската агенција за развој и соработка, преку проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, ќе обезбедат набавка на средства за кои Министерството за здравство ќе ги утврди како итни и најнеопходни.

На 31 седница Владата донесе измени на уредбата за ограничено движење за да им излезе во пресрет на сопствениците на домашни миленици.

Со овие измени и дополнувања се утврдува дека за време на викендите дозволено е шетање на милениците од 20:00 до 20:30 часот, најмногу до 100 метри оддалеченост од живеалиштето, како што предлага Ветеринарната комора на Република Северна Македонија.

Владата напоменува дека понатаму важат сите претходните ограничувања, меѓу кои и забраната за групирање на повеќе луѓе на едно место.

Владата на Република Северна Македонија на оваа своја седница го разгледа и донесе Протоколот за влез во Република Северна Македонија на странски дипломати акредитирани во земјата и членови на нивните семејства, и го задолжи Министерството за надворешни работи веднаш да ги извести сите странски дипломатско конзуларни претставништва акредитирани во Република Северна Македонија за усвоениот Протокол.

Согласно Протоколот, странските дипломати и членовите на нивните семејства при влез во земјата начелно не треба да бидат изземени од мерката задолжителен карантин. Со цел да се почитува Виенската конвенција за дипломатски односи, а во исто време и да се почитуваат националните закони и правила (кои дипломатите согласно Виенската конвенција мора да ги почитуваат) мерката државен карантин ќе се применува само онолку колку што е нужно. За спроведување на овие мерки се задолжени Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство.

На денешната седница беше усвоена и Уредбата со законска сила за примена на Законот за здравствената заштита за време на вонредна состојба со која се уредува вршењето на дејноста интензивна нега и терапија на пациенти заболени од заразната болест коронавирус COVID-19 во мрежата на здравствени установи за време на траење на вонредна состојба од приватни здравствени установи кои не се во мрежата на здравствени установи.

Со измената и дополнувањето на Уредбата се овозможува вршење на услугата за детекција на коронавирус COVID-19 во микробиолошка лабораторија во мрежата на здравствени установи за време на траење на вонредна состојба и од приватни здравствени установи кои не се во мрежата на здравствени установи, со цел зголемување на капацитетите за давање на вакви услуги, во услови на донесена Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба.

Согласно Oдлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба со која се утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот COVID-19, а врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Владата на Република Северна Македонија ги донесе Уредбата со законска сила, за примена на Законот за ученичкиот стандард за време на вонредна состојба, Уредбата со законска сила за примена на законот за студентскиот стандард за време на вонредна состојба, Програмата за изменување на програмата за остварување и развој на дејноста во ученичкиот стандард за 2020 година, и Програма за изменување на програмата за остварување и развој на дејноста во студентскиот стандард за 2020 година.

Имајќи ја предвид прогласената вонредна состојба во државата, со овие уредби со законска сила се регулира овозможување ученичките домови, како и со измените во Програмите за ученички и студентски стандард, ќе се овозможи ученичките и студентските домови да се користат како сместувачки капацитети за превенција од ширење на коронавирусот (COVID 19).

Владата ја усвои Уредбата со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредната состојба за постапувањето на судовите и Јавните обвинителства, според која законските и преклузивните рокови за поднесување на тужба во парнична постапка, приватна тужба во кривична постапка, предлог за кривично гонење, предлог за поведување на вонпарнична постапка, поднесување на барање за присилно извршување, постапка за обезбедување на побарувањата, тужба за поведување управен спор, иницирање на постапка пред Уставен суд или иницирање и поведување на друга судска постапка, престануваат да течат во моментот на стапување во сила на оваа Уредба се до престанување на вонредната состојба. Законските и преклузивните рокови за изјавување на правни лекови, правни средства или за преземање процесни дејствија во постапките престануваат да течат за време на вонредната состојба.

Во кривичните и прекршочните постапки, роковите за изјавување на жалба или приговор на одлуките со кои постапката завршува, како и за изјавување на вонредните правни лекови, престануваат да течат за време на вонредната состојба.

Со оваа Уредба издавањето на упатните акти за изречена казна затвор до три години се одложува до 1 септември 2020 година, освен за предмети каде што постои опасност за застарување на извршување на казната.

На судиите-поротници на кои мандатот им истекува за време на траење на вонредната состојба, по сила на оваа Уредба, мандатот им се продолжува се до завршување на постапката по судскиот предмет. Судовите во Република Северна Македонија, се должни при постапувањето, закажувањето и одржувањето на расправите да се придржуваат на Одлуката на Судскиот совет на Република Северна Македонија, за постапување на судовите во Република Северна Македонија во услови на зголемена опасност од вирусот COVID 19, од 17.03.2020 година. Со оваа Уредба се задолжуваат јавните обвинители извршувањето на функцијата на јавното обвинителство да ја организираат и извршуваат согласно Задолжителните упатства на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, донесени во врска со вирусот COVID 19.

На оваа седница е усвоена одлука за дополнување на Одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки. Со оваа Предлог-одлука на трговците на аргуми свежи или сушени и тоа: портокали, мандарини, клементини, грејпфрут и лимони, со тарифен број 0805, им се забранува да вршат трговија на мало на крајни потрошувачи во објектите кои се наменети за трговија на големо на овие стоки (магацини, складови за трговија на големо, на пазарите за трговија на стоки на големо, како и во други деловни простории кои ги исполнуваат условите пропишани со закон и друг пропис).

Одлуката се предлага на предлог на Државниот пазарен инспекторат, бидејќи инспекторите констатирале дека на терен трговците на големо вршат манипулација и прикажуваат промет остварен во најголем дел од трговија на мало, а не од трговија на големо иако истите не располагаат со продажни објекти наменети за трговија на мало.

На оваа седница беше донесена и Уредба со законска сила за примена на Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Македонија“ за време на вонредна состојба. Според Уредбата, објавувањето на законите и другите прописи, акти и издавањето на службеното гласило „Службен весник на Република Северна Македонија“ за време на траењето на вонредната состојба се врши само во електронска форма.

Донесувањето на оваа уредба е со цел намалување на трошоците за Jавното претпријатие „Службен весник на Република Северна Македонија“ во однос на печатените изданија и нивна дистрибуција, со што ќе се зголеми на ефикасноста на процесот на објава на Уредбите со законска сила, и на другите прописи, со цел веднаш да бидат достапни за широката јавност, за време на вонредната состојба, а ќе се укине целосно потребата од непосредна дистрибуција на печатените изданија до крајните корисници, што е во согласност со мерките на Владата за спречување на ширењето на COVID 19.

Владата на Република Северна Македонија на 31-ва седница донесе Уредбата со законска сила за примена на Законот за железничкиот систем за време на вонредна состојба, со која се регулира компензирање на трошоците за време на траење на вонредната состојба, како и регулирање на исплата на неостварениот приход од продажба на билети за оние патнички возови кои се укинати за време на траење на вонредната состојба и регулирање на исплата на неостварениот приход по основ на надоместок за користење на железничката инфраструктура.

За повеќе прочитајте тука.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest