Започна процесот за подготовка на предлог Законот за платежни услуги и платни системи

Бесплатни банкарски сметки за ранливите категории

Во март минатата година беше најавена подготовката за измени на Законот за платежни услуги и платни системи при потпишувањето на меморандумот за финансиска инклузија од страна на Народната банка на Република Македонија, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално финансиско пензиско осигурување и Агенцијата за супервизија на осигурувањето. Целта на меморандумот е да се овозможи поголема достапност до финансиските услуги за сите граѓани без дискриминација.
Предлог Законот за платежни услуги и платни системи го изработува Министерството за финансии со Народната банка, а засегнати страни кои се вклучени во процесот се и Националниот совет за платни системи, Македонска банкарска асоцијација, Клириншки интербанкарски систем (КИБС), Интернационален картичен систем (КАСИС) и стопански комори.

Во моментов платежните услуги и платните системи се уредени со Законот за платниот промет донесен во 2007 година. Со него се уредија носителите на платниот промет во земјата, платните системи и надзорот на истите, порамнувања на плаќањата како и издавањето на електронските пари. Проблемот со овој закон се јавува поради тоа што по донесувањето на Законот за платниот промет, се донесоа Директивата за платежни услуги (2007/64/Е3) и Директивата за електронски пари (2009/110/Е3). Европската унија во извештаите за напредокот на Република Македонија, постојано дава забелешка дека домашното законодавство не е усогласено и со Директивата за конечност на порамнувањата (98/26/Е3). Досегашниот закон не е во согласност со новите трендови и технологии и со релевантните директиви и регулативи на Европската унија и поради тоа, во насока на обезбедување на сигурен, стабилен и ефикасен платен систем во Република Македонија, во согласност со европското законодавство има потреба од донесување на нов Закон за платежни услуги.

Цел на предлог законот е усогласување на домашното законодавство со Директивата за платежни услуги (2015/2366/ЕЗ), Директивата за електронски пари (2009/110/EЗ), Директивата за конечност на порамнувањата (98/26/ЕЗ), Директивата за споредливост на провизии поврзани со платежните сметки, пренос на платежни сметки и пристап до платежните сметки со основни карактеристики (2014/92/ЕЗ), Регулативата за заменски надоместоци за картично засновани платежни трансакции (2015/751) и Регулативата за воспоставување технички и деловни барања за кредитни трансфери и директни задолжувања во евра (260/2012), само одредбите поврзани со директните задолжувања.

Со законот се очекува да се постигне либерализација на пазарот за платежни услуги преку влез на платежни институции кои не се банки и кои ќе извршуваат одделни сегменти од платниот промет и ќе се овозможат иновативни начини на електронски плаќање. Би се уредиле и нови инструменти за плаќање, како што се директните задолжувања, што би ги олеснило и забрзало плаќањата меѓу економските субјекти. Исто така би се вовел режим со кој на учесниците во платните системи ќе им се гарантира конечност на налозите за пренос со што ќе се минимизираат системските ризици на учесниците во платниот систем.
Имплементацијата на предлог законот се верува дека ќе придонесе за зајакнување на конкуренцијата и правата на потрошувачите за нивно информирање од страна на давателите на платежни услуги за условите за користење на услугите. Законот ќе обезбеди транспарентност и споредливост на надоместоците за платежните услуги, а меѓубанкарските надоместоци со платежни картички ќе бидат ограничени. За одредени категории на потрошувачи ќе се овозможи отворање сметки со основни функции преку кои ќе може да се извршуваат одреден број бесплатни трансакции.

Во светот 1,7 милијарди од населението нема пристап до банкарскиот систем, а податоците кај нас покажуваат дека 77 отсто од возрасното население поседува трансакциска сметка, а просекот за Европа е околу 82 отсто. Иако во земјава се забележува солидна финансиска вклученост од аспект на поседување трансакциска сметка, постојат и други показатели кои укажуваат дека сме многу зад европскиот просек: само 17 отсто и 53 отсто од населението поседува кредитни и дебитни картички, наспроти европскиот просек од 35 отсто и 71 отсто каде е забележлива двојната разлика. Исто така само 37 отсто од населението во земјава ги користи картичките за купопродажни трансакции, што повторно е двојно помалку од европскиот просек од 63 отсто. Само 12 отсто од населението користи електронски пристап до сметки, а интернет трансакции извршуваат само 17 отсто од граѓаните, што е двојно помалку од просекот во Европската унија.

Поради парламентарниот изборен циклус, кој ќе го стопира законодавствениот процес во државата, горенаведените измени не се очекува да бидат имплементирани во наредниот квартал од година. Сепак, со сигурност може да се заклучи дека истите, до крајот на годината, ќе бидат усвоени и инкорпорирани во македонското законодавство како резултат на императивот за синхронизација на Законот за платежни услуги и платни системи со Директивата за конечност на порамнувањата (98/26/Е3) на Европската Унија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest