Кратка анализа на Законот за електронска трговија

За прв пат во Република Македонија Законот за електронската трговија беше донесен во 2007 година. Тогаш прв пат беше уредена електронската трговија и тоа во согласност со меѓународните (Модел-законот на УНЦИТРАЛ [UNCITRAL]) и европските (Директивата за електронската трговија 2000/13) стандарди за електронската трговија.

Оттогаш па до денес, нашиот законодавец во четири наврати има направено измени со донесување Закони за изменување и дополнување на Законот за електронска трговија, последната е направена минатата година.

Законот за електронска трговија ги уредува услугите на информатичко општество поврзани со електронската трговија, одговорностите на давателите на услуги на информатичко општество, комерцијалната комуникација и правилата во врска со склучувањето на договорите во електронски облик.

Согласно Законот, услугите на информатичко општество се услуги што се обезбедуваат за надомест на далечина, преку електронски средства и на лично барање на примателот на услугата. „На далечина“ означува дека услугата се обезбедува без истовремено присуство на две страни. “Преку електронски средства“ значи дека услугата се испраќа од почетната/изворната точка и се добива на крајната дестинација преку електронска опрема за процесирање (вклучително и дигитална компресија) и чување на податоци и се испраќа, пренесува и добива во целост преку кабел, радиобранови, оптички средства или други електромагнетни средства. „ На лично барање на примателот на услугата“ значи дека услугите се обезбедуваат преку пренос на податоци на лично барање.

Услугите на информатичкото општество содржат особено продажба на призводи и услуги, услуги за пристап до информаци или огласи преку Интернет и пристап до услугите на јавна комуникациска мрежа, пренос на податоци или чување на податоците на примателот во јавната комуникациска мрежа.

При тоа, согласно законот давателот на услуги на информатичко општество во Република Македонија е должен да постапува и да дава услуги во согласност со законите и другите прописи на Република Македонија.

Надзор над спровeдувањето на овој закон вршат Министерството за економија, Министерството надлежно за работите од областа на електронските комуникации и Агенцијата за електронски комуникации во согласност со нивните надлежности утврдени со закон.

Додека инспекциски надзор над спроведување на поединечните одредби од овој закон врши Агенцијата за електронски комуникаци преку надлежни инспектори согласно со одредбите од Законот за електронски комуникации и Државниот пазарен инспекторат преку надлежни инспектори согласно со одредбите од Законот за Државен пазарен инспекторат.

Во Законот за електронска трговија законодавецот предвидел склучување договори во електронски облик и тоа договори кои правните или физичките лица, во целост или делумно, ги склучуваат, праќаат, примаат, раскинуваат, откажуваат, пристапуваат кон нив и ги прикажуваат по електронски пат, користејќи електронски, оптички или слични средства, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на пренесување преку интернет. На вака склучените договори не им се оспорува полноважноста поради тоа што се направени со електронска порака, односно во електронски облик. Исто така, согласно со овој закон, и понудата и прифаќањето на понудата можат да се даваат по електронски пат, односно во електронски облик.

И покрај добро поставената правна рамка за регулирање на електронската трговија и нејзината усогласеност со меѓународните стандарди за електронската трговија, недостасува поголема контрола над спроведувањето на законските одредби.

Како во светот така и кај нас електронската трговија, купопродажбата на далечина со користење на интернетот, стануваат сѐ поактуелени особено во услови на светската пандемија, кога во најголем дел од земјите во светот се ограничи движењето со воведување на мерки во насока на заштита на здравјето на населението.

Некои истражувања покажуваат дека кај нас не се врши доволно контрола од страна на надлежните органи и дека голем број на потрошувачи секојдневно се соочуваат со проблеми при електронското купување, поради недостаток на доволно информации како во однос на производите и услугите кои се нудат така и во однос на субјектите кои истите ги нудат.

Во насока на заштита на потрошувачите потребно е особено да се обрне внимание на член 7 од Законот за електронска трговија, каде законодавецот ги има наведено сите потребни информации кои давателот на услугите (продавачот) треба да ги направи достапни на електронската платформа каде ја врши продажбата, како и поголема контрола на надлежните во   тој дел.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest