Законот за заштита на потрошувачите во Република Македонија ги утврдува правата на потрошувачите и нивната заштита. Меѓу другото, со овој закон се уредува и заштитата на правата на потрошувачите во случај на продаден производ со недостаток. Во оваа смисла, по дефиниција, потрошувач е секое физичко лице кое купува производи или користи услуги од страна на трговецот за непосредна сопствена потрошувачка, додека производ е стока или предмет без оглед на степенот на неговата обработка, наменет за понуда на потрошувачите.
Најпрвин, согласно Законот за заштита на потрошувачите, трговецот мора производите со недостаток или грешка физички да ги одвои од останатите производи и притоа јасно, видливо и читливо да ги обележи со натпис дека се работи за производи со недостаток или грешка.
Но, доколку трговецот не го стори наведеното и на потрошувачот му продаде производ со недостаток, потрошувачот има право по свој избор да бара:
- бесплатно отстранување на недостатоците на производот или надомест на трошоците направени за отстранување на недостатокот;
- сразмерно намалување на продажната цена;
- замена на производот со соодветен производ со иста трговска марка, тип, индустриски дизајн или ознака за потекло и географска ознака на производот;
- замена на производот со соодветен производ со друга трговска марка, тип, индустриски дизајн или ознака за потекло и географска ознака на производот со соодветно намалување или зголемување на производната цена и
- раскинување на договорот, враќање на платениот износ и надомест за претрпената штета.
Потрошувачот нема право да бара отстранување на недостатоците на производот, сразмерно намалување на цената, замена на производот или враќање на платениот износ доколку недостатокот на производот е минимален.
Производителот му одговара на потрошувачот за претрпената штета што била предизвикана од недостатоците на неговиот производ, додека трговецот одговара за секој недостаток поврзан со сообразноста кој постоел во времето кога производите биле доставени.
Заштитата на потрошувачите е многу важна од причина што потрошувачите треба да имаат можност да добијат точни, непристрасни информации за производите и услугите што ги купуваат. Ова им овозможува да го направат најдобриот избор заснован на нивните интереси и спречува да бидат доведени во заблуда од страна на трговците. Законската регулатива за заштита на потрошувачите помага да се зголеми благосостојбата на потрошувачите, на начин што им дава сигурност дека деловните субјекти можат да бидат одговорни.